Зошто БиХ не ги сака нашите сувомесни производи?  

Република Српска забрани увоз на над еден тон месо, меѓу кое и чадено пилешко филе од Македонија поради помало количество протеини од пропишаното. Од Стопанската комора на Македонија појаснуваат дека помало количество протеини од пропишаното не е штетно врз здравјето на луѓето и оти забраната може да има и друга заднина, односно може да се работи за некои трговски бариери

162

Инспекторатот за храна во Република Српска (РС) во изминатиот месец забрани увоз на три пратки на производи од месо во количество од над еден тон, бидејќи се утврдило дека не ги исполнуваат пропишаните услови за квалитет, односно имале помало количество протеини од пропишаното.

Од Стопанската комора на Македонија за весникот „Вечер“ појаснуваат дека помало количество протеини од пропишаното не е штетно по здравјето на луѓето и оти тука не се работи за присуство на некои вируси или бактерии.

-Нивото на пропишани протеини во секоја земја е различно. Некои земји од регионот кои имаат извоз во ЕУ и кои претендираат да станат членки се придржуваат кон ЕУ регулативата, велат од Комората од каде не ја исклучуваат веројатноста дека може да се работи за некои трговски бариери или едноставно не сакаат да увезуваат производи од овие две земји.

Од Инспекторатот во Република Српска објаснува дека кај трите пратки со чадено пилешко филе од Македонија и салами увезени од Хрватска, по анализата било утврдено дека содржат помалку протеини отколку што било пропишано.

Како што пренесе агенцијата „Онаса“, станува збор за производ „пушено пилешко делукс филе“ произведено во „Мис глобус“ Скопје, каде што била утврдена помала содржина на протеин отколку што е пропишано, како и две пратки од „зимска салама“ на „Пик“ Врбовец, за кои е утврдено дека не ги исполнуваат барањата во однос на rN-вредностите.

Оттаму наведуваат дека квалитетот на овие пратки не ги исполнува пропишаните услови за пуштање во продажба, а надлежната инспекција со цел да ги заштити правата на потрошувачите и домашниот пазар, забрани увоз на спорните производи.

Поради тоа, од Инспекторатот најавиле и дека ќе ја засилат контролата и микробиолошкото испитување на примероци на месни продукти од Македонија и Хрватска. (А.С.)