Зошто Апелација одлучила да ја пушти Јанева од Шутка?

126

Скопска Апелација во рок од пет дена ја смени одлуката во врска со куќниот притвор на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева. Според информациите кои ги пренесуваат дел од медиумите, судиите донеле решение во две различни постапки.

Според изворите од судот на кои се повикуваат медиумите, првиот пат се одлучувало по жалбата на одбраната на Јанева која бараше поранешната обвинителка да биде пуштена на слобода со гаранција. Јанева нудеше три стана, од кои два беа на нејзините деца, што според судот беше многу мала гаранција и жалбата беше одбиена. По само неколку дена до Апелација стигнало ново барање – притворот на Јанева да ѝ биде заменет со куќен притвор поради влошената здравствена состојба.

Оваа жалба на решението на првостепениот суд била прифатена и на Јанева ѝ бил определен домашен притвор.

Другата верзија за двете одлуки ја пренесе Дојче Веле и според она што го објавуваат Апелацискиот суд донел две различни решенија за барањето на Јанева за укинување на мерката притвор во рок од пет дена. Според нив, Советот на Апелацискиот суд во решение од 14 ноември ги уважил аргументите на првостепениот суд, кои се однесуваат на наводите на адвокатите за влошената здравствена состојба на Катица Јанева. Апелацискиот суд тогаш оценил дека првостепениот суд правилно одлучил дека тие наводи се неосновани, бидејќи врз основа на доставената медицинска документација, било утврдено дека обвинетата Јанева може здравствено да биде третирана во установата каде ја издржува мерката притвор. Притоа, доколку има потреба, таа дополнително ќе биде упатена и во здравствена установа, со што во ниеден момент не се повредува правото на нејзина здравствена заштита. Но, само пет дена подоцна, Советот на Апелацискиот суд  наводно го сменил ставот во однос на наводите за нејзината здравствена состојба и решил да ја пушти во домашен притвор.

Дел од медиумите пренесуваат дека судот предвид ги земал и околностите дека обвинетата е жена и самохрана мајка, сама се грижи за своите деца, нејзината здравствена состојба е многу влошена и потребни ѝ се подобри услови заради зачувување на нејзиното здравје да прима редовна медицинска терапија и да има хигиена во домашни услови, а по потреба да посетува и специјалист, укажуваат дека се исполнети условите за замена на мерката притвор со куќен притвор и за истите советот на овој суд оцени дека се основани и во конкретниот случај исполнети се законските услови за укинување на притворот и определување куќен притвор и мерки на претпазливост спрема обвинетата.

Ова беше образложението на решението на Судскиот совет на Апелација со кое мерката притвор за поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева беше заменета со мерката куќен притвор, што предизвика бура реакции во јавноста, со оглед на фактот што двете деца на Јанева се веќе полнолетни.