Зошто ако имам три кози, не можам да добијам социјална пензија?

180

 

Со предложениот закон, кој чека на ред во Собрание, е предвидено таканаречената социјална пензија од 6.000 денари да не можат да ја добиваат лицата кои работеле помалку од 15 години, само затоа што во семејството имаат некој кој прима минимална пензија или приход по било кој друг основ, а да можат да ја добијат лица со ниту еден ден стаж!

Дали ако имам три кози, а немам никаков приход ниту пензија, ќе имам право на социјална пензија? Зошто да не можам да добијам социјална пензија иако имам стаж од седум години само затоа што маж ми има пензија од 8.000 денари, а да може да ја добие некој кој не работел ниту еден ден? Ова се само дел од стотиците прашања што граѓаните ги поставуваат во отворените ТВ-емисии деновиве, откако стигна веста дека Предлогот на законот за социјална сигурност на стари лица, со кој е предвидена таканаречената социјална или државна пензија од 6.000 денари, влезе во Собранието.

Според верзијата на законот, која е доставена до Собранието, правото на овие пари го имаат лицата со навршени 65 години, кои во семејството немаат никакви приходи.

– Право на социјална сигурност за старите лица има лице со навршени 65 години возраст, кое е државјанин на Република Македонија; има постојано место на живеење во Република Македонија во последните 15 години пред поднесување на барањето; не поседува имот и имотни права од кои може да се издржува; не е корисник на пензија од Република Македонија или вид на исплата по основ на старост, инвалидност или доживување од друга држава; не остварува приходи и има пријавен пензиски стаж во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија или стаж на осигурување во траење помалку од 15 години, стои во Предлогот на законот.

Но, исто така се утврдува дека ако и двете лица во брачната или вонбрачната заедница исполнуваат услови, парите ќе ги добива само едното од нив.

Предвидено е и дека за време на користење на пензијата се добиваат и здравствена заштита, ако таа не е обезбедена по друг основ, како и по 1.000 денари месечно за загревање на домот во периодот од октомври до март, исто така, ако овие пари не се добиваат по друг основ.

Парите нема да се добиваат од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување туку од центрите за социјална помош, каде и ќе се поднесуваат барањата. Во Предлогот на законот се наведува и дека социјалната сигурност за старите лица се обезбедува согласно со начелата на социјална праведност, хуманост и солидарност. Деталите околу тоа како ќе се реализира оваа давачка, ќе се утврдат со подзаконски акт кој министерката за труд и социјална политика треба да го донесе во рок од три месеца од денот на влегување во сила на законот.

Од Министерстовото за труд и социјална политика потенцираат дека се работи за социјално право, кое воопшто не треба да се споредува со пензија, а она што најмногу ги збунува и мачи граѓаните – зошто на овие пари немаат право тие кои имаат приходи во семејството, макар и минимални, го оспоруваат и дел од експертите, но од аспект на намерата на државата да ја намали сиромаштијата.
Благица Петрески, директорка на невладината организација “Фајнанс тинк#, вели дека според нивните анализи на ваков начин сиромаштијата би се намалила само за еден процентен поен.

– Социјалната пензија нуди поголема сигурност за ранлива категорија граѓани. Сиромаштијата ќе се намали, иако, ефектите се релативно мали, ја намалуваат сиромаштијата за околу еден процентен поен. Ова е главно заради условот брачниот другар или партнер да не остварува доход. Ако целта е да се постигне извлекување на овие лица од сиромаштија, тогаш овој услов е поставен преригидно, појаснува таа.

Симулацииите на “Фајнанс тинк# покажале дека оваа мерка таргетира околу 3.500 корисници и прави годишен трошок од четири милиони евра. Според нивната проценка, проблематична е и предвидената сума од 6.000 денари.

– Од друга страна, износот е многу близок до најниската пензија, а особено до најниската земјоделска пензија, поради што може да влијае демотивирачки кај овие лица кои самоиницијативно уплатуваат придонеси и да креира дисторзии во системот, вели Петрески.

Сумата, која е блиска до минималната пензија од 6.000 денари, е проблематична и за Павле Гацов, претседател на Здружението на даночни советници. Според него, добро е тоа што средствата не се од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и хуманата димензија не треба да се проблематизира, но тој проблемот го наоѓа во одмереноста на сумата.

– Сумата е блиска до минималната пензија, па оваа мерка може да излезе дестимулирачка, зашто за да се добие пензија мора да се оди на работа 15 години, вели тој.

Според него, не се работи за структурна реформа туку за прераспределба на стредства и со оваа мерка не се создава нова вредност.
Инаку, Собранието ќе го носи овој закон по скратена постапка, но тој се уште не е ставен на дневен ред. Под услов да се донесе уште овој месец, социјалната пензија би требала да почне да се дели најдоцна летово, со оглед на дадените три месеци за подготовка на подзаконските акти.

Што поскоро донесување на пакетот социјални закони, чиј дел е и оној за социјална сигурност на старите лица, вчера побара Македонската платформа против сиромаштијата. Според нивните проценки социјална пензија би требало да добиваат над 5.000 семејства.

– Повеќе од 5.000 семејства чекаат да биде воведена старосна пензија, што ќе им овозможи на луѓето кои немаат исполнето 15 години стаж да имаат право на приход, потенцираа од МППС.