Книгата „Убавите жени“ на Зоран Пејковски како целина нуди една заокруженост со јасна тематска преокупација и идеја, фокусирани на убавината како универзална човечка димензија и изобилува со впечатливи поетски слики поместени во сферите на љубовното, еротското, чувственото. Низ целата книга се разлева топол лирски склад, кој потсетува не само на класичното и на традиционалното туку и на пеењето што ги задоволува узусите на модерната поетика

Зоран Пејковски за книгата „Убавите жени“ ја доби наградата „Ацо Шопов” за 2022 година на Друштвото на писателите на Македонија што се доделува за поезија. Со доделувањето на наградата на Пејковски и на неговата поетска книга, ДПМ се придружува кон прославата на 100-годишнината од раѓањето на истакнатиот македонски поет Ацо Шопов.

Книгата „Убавите жени“ како целина нуди една заокруженост со јасна тематска преокупација и идеја, фокусирани на убавината како универзална човечка димензија и изобилува со впечатливи поетски слики поместени во сферите на љубовното, еротското, чувственото. Низ целата книга се разлева топол лирски склад, кој потсетува не само на класичното и на традиционалното туку и на пеењето што ги задоволува узусите на модерната поетика.

„Збирката е цврсто структурирана во четири поетски циклуси што заемно се надополнуваат и надградуваат: ‘Икона на универзумот’, ‘Сѐ би било еднолично сиво’, ‘Последното чудо на светот’ и ‘Епилог на убавината и вистината’. Во првиот циклус, Пејковски смело поаѓа во ‘разгатка на убавината’, при што убавината на жената ја зема како симбол во кој се отелотворени убавината на универзумот и на природните феномени што често нѐ оставаат без здив со својата дива, но животворна и животообновлива убавина: сонцето, месечината, океанот, молскавицата или капката роса. Вториот циклус ги проширува и продлабочува истите со опевањето на смислата што му ја дава жената на постоењето и животот. Песните во него се суптилно еротизирани и химнично ја слават љубовта меѓу жената и мажот како создателен чин исполнет со возвишена радост и хармоничност, сo исконска возбуда и страст. Во третиот циклус, поетот се сосредоточува врз поетско толкување на ‘чудото на жената’, на високо естетизирање на нејзината надворешна појава и убавина што го опчинува мажот како што Адама го опчинила убавината на Ева, но и го внела во темнината на гревот. На тој начин, поетот во овој циклус загатнува повеќе религиозно-филозофски прашања, кои ѝ даваат на книгата уште една, дополнителна поетска димензија. Во четвртиот, завршен циклус, поетот врши премин од поимањето на убавината како чисто екстерна естетска категорија кон нејзиното поимање (и) како етичка категорија. Песните се ‘повнатрешнуваат’, па така надворешната убавина се рефлектира во добрината и вистината, сѐ со цел да се постигне романтичарскиот идеал за совршена убавина, кој е сочинет од складниот спој помеѓу овие две категории, па следствено – убавината се прелева во вистина, како што вистината зрачи со убавина. Затоа овие песни дишат во поинаква, доминантно рефлексивна атмосфера, како што, впрочем, и доликува на еден поетски обликуван епилог“, се посочува во образложението на комисијата за доделување на наградата „Ацо Шопов“, во состав Зоран Анчевски, претседател, и Мерсиха Исмајлоска и Славе Ѓорѓо Димоски, членови.

Како што истакнува комисијата, „Убавите жени“ на Пејковски е стихозбирка со складен и затоа навидум лесен поетски израз што изобилува со богати поетски слики и метафори, како и со свежи звуковни и ритмички решенија.

„Поетот вешто ги избегнува замките на благуњавиот лиризам и сентиментализам, што е постојана закана за ваквиот вид поезија и иако на моменти се приклонува кон нешто полесни, клишеизирани решенија, сепак, општо земено, целата книга импонира со своите компактност, читливост и приемчивост“, се додава во образложението.

Добитникот Зоран Пејковски со изјава доставена до ДПМ се заблагодари за наградата.

„Во време кога мечтаеме за совршенството наспроти предизвикот, ја добив информацијата дека за збирката песни ‘Убавите жени’ сум ја добил наградата ‘Ацо Шопов’, и тоа во јубилејната година на еден од најзначајните лиричари во македонската литература. Имено, оваа година се навршуваат 100 години од раѓањето на Ацо Шопов. Радоста е уште поголема затоа што претседател на жири-комисијата е проф. д-р Зоран Анчевски, еден од најзначајните поети во македонската, европската и во светската литература, за кој своевремено професорот Вангелов рече дека е: ‘…природен наследник на големите македонски поети како Шопов, Конески, Јанески, Ѓузел…’“, посочува Пејковски во изјавата.

Тој им се заблагодари и на рецензентките – проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер и д-р Лилјана Пандева, значајни авторки во македонската книжевна и научна мисла, кои на „Убавите жени“ ѝ дале „една магично безвремена женска аура“.

Како што додава Пејковски, неговата радост поради добивањето на оваа награда е посилна и затоа што годинава е во друштво на добитниците на значајните признанија на Друштвото на писателите на Македонија, а тоа се проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер со наградата за книжевна критика „Димитар Митрев“ и проф. д-р Венко Андоновски со наградата за проза „Стале Попов“.

Инаку, на конкурсот за наградата „Ацо Шопов“ пристигнале 16 книги од автори што припаѓаат на различни генерации македонски поети. Според комисијата, од пристигнатите книги, три не ги задоволувале конкурсните услови, со што во конкуренција останале 13-мина од 11-мина автори, кои многу осцилирале според квалитетот и биле разнообразни во однос на поетичките рамништа, тематските преокупации и поетските техники. Во потесниот избор на комисијата, освен „Убавите жени“ од Пејковски, влегле и „Кадуцеј и лира“ од Сузана В. Спасовска и „Позлатено распетие“ од Ивица Челиковиќ. (Н.И.Т.)