Социјалдемократот Зоран Милановиќ е петти претседател на Република Хрватска избран на повеќепартиски избори од 1990 година па наваму.

Во следните пет години тој ќе биде претседател на земјата, а пред него во еден петгодишен мандат претседателка беше Колинда Грабар-Китаровиќ од ХДЗ, која му беше противкандидатка и на овие избори, а која убедливо ја победи.

Зоран Милановиќ е роден на 30 октомври 1966 година во Загреб, каде што завршил средно училиште и Правен факултет. Како успешен студент ја добил и Ректоровата награда, објавува Анадолија.

По завршувањето на факултетот работел во Трговскиот суд во Загреб. Од 1993 година работел во МНР на Хрватска. Како припадник на ОБСЕ во 1994 година учествувал во мисија во Азербејџан.

Во 1996 година станува советник во хрватската мисија во ЕУ и НАТО во Брисел, каде во 1998 година завршува постдипломски студии по европско и компаративно право и станува магистер.

Бил пратеник во хрватскиот Сабор и премиер на Хрватска.

Оженет е со лекарката Сања која ја запознал во 1991 година. Првото заедничко патување, како што самиот открива, го платиле со продавање правосмукалки по станови во Загреб. Татко е на два сина, Анте Јаков и Марко.