„Интересот на полската филологија за македонистиката датира уште од пред Втората светска војна и од пред кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Потврда за тоа се научните трудови на професорот Мјечислав Малецки, кој работејќи на терен се интересирал за македонските дијалекти, особено за дијалектите од солунскиот крај и како што ќе посочи и Блаже Конески, тој уште тогаш ги согледува специфичностите на македонската дијалектна група“, истакнува директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, во пресрет на чествувањето на јубилејот

 

Триесет и пет години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за хуманистика во Сосновјец при Шлезискиот универзитет во Катовице, Полска, е уште еден значаен јубилеј за македонистиката кој ќе се одбележи деновиве. На овој универзитетски центар македонистиката се изучува на сите циклуси на студии – од додипломските до докторските, при што има и докторанди по македонски јазик. Во знакот на значајниот јубилеј, во Катовице, денеска и утре (1 и 2 јуни), ќе се одржи и 11. Македонско-полска конференција со близу 30 ученици од полската и од македонската академска средина.

„Интересот на полската филологија за македонистиката датира уште од пред Втората светска војна и од пред кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Потврда за тоа се научните трудови на професорот Мјечислав Малецки, кој работејќи на терен се интересирал за македонските дијалекти, особено за дијалектите од солунскиот крај и како што ќе посочи и Блаже Конески, тој уште тогаш ги согледува специфичностите на македонската дијалектна група. Малецки, во еден од своите трудови, во 1938 година, нагласува дека во однос на прашањето дали македонските дијалекти се српски или бугарски, би одговорил дека тие не се ниту српски, ниту бугарски, туку дека повеќето од нив ’припаѓаат на индивидуален дијалект’, посочувајќи на македонскиот јазик“, истакнува директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, во пресрет на чествувањето на јубилејот. Таа додава дека неговите ученици ги удрија темелите на современата полска македонистика, при што особено значаен е влогот на професорот Збигљев Голомб, со неговиот интерес за изучувањето на македонскиот јазик, посебно во балаканолошка перпектива.

„Оттогаш наваму, интересот на полската филологија за македонистиката е непрекинат, со изучување на македонскиот јазик во Сосновјец, Краков, каде Лекторатот по македонски јазик работи речиси половина век, Познањ, Ополе… Оттука, достојното чествување на овој јубилеј на еден од универзитетските центри во Полска на кои се изучува македонистиката е и морална и професионална обврска која ја имаме пред претходниците, кои ги воспоставија и зацврстија македонско-полските академски и културни врски, токму преку интересот за македонистиката – врски кои ние сме должни да ги развиваме“, истакнува Мојсова-Чепишевска.

Меѓу најзаслужните за воспоставувањето и зацврстувањето на овие врски со полската филологија во периодот на XX век се и академиците Блаже Конески и Божидар Видоески, кој е и еден од првите директори на МСМЈЛК при УКИМ, како и  академиците – полски филолози, Влоѓимјеж Пјанка, прв лектор по полски јазик на УКИМ и Зузана Тополињска.

Инаку, заедничките заложби и планираните активности за уште поголема афирмација на македонскиот јазик, литература и култура во Полска, кои по почетокот на оваа академска година ги иницираа МСМЈЛК при УКИМ во Скопје и Факултетот за хуманистика во Сосновјец, веќе даваат конкретни резултати. Се остварува и планираното – јубилејот 35 години македонистика на Шлезискиот универзитет во Катовице да се одбележи не само со пригодна свеченост, туку со активности кои ќе придонесат за нови научни потфати на полските слависти и македонисти посветени на македонскиот јазик, литература и култура, значајни за натамошниот развој на полската македонистика.

Во Полска, покрај во Сосновјец, Лекторат по македонски јазик активно работи и на Јагјелонскиот универзитет во Краков, отворен во академската 1974/75 година. Македонистиката се изучува и во Познањ, каде на Универзитетот „Адам Мицкјевич“, на Катедрата за словенска филологија, во академската 2000/01 година е отворена нова студиска група за славистичко-полонистички студии, во чии рамки македонскиот јазик се изучува како главен предмет. Во академската 1998/99 година, македонскиот јазик како втор предмет е воведен и на Универзитетот во Ополе.