Змии, ежови, желки, верверички се шетаат по дворовите, а веднаш над куќите лежат диви свињи

1211

Жителите на Пржино често пати имаат „блиска“ средба со диви животни и влекачи кои се спуштаат од планината Водно. Велат дека многу треба да се внимава бидејќи змиите им се чести посетители на дворовите, но понекогаш се изненадени и од желки, верверички, смокови, ежеви.

– Со оглед на близината до Водно, особено ние што сме веднаш до планината, често во лето среќаваме змии по дворови, улици и на Славија. Досега сум налетал барем на десетина воглавно помали змии, од кои две во мојот двор. Годинава комшијата утепа една кај него во двор, а се сеќавам кога пред неколку години се појави една кај мене на настрешницата, цело друштво фатија кидавела, летаа преку маси и столови – вели Марко.

Тој се потсетува дека една змија се пикнала во ауспух на кола во комшии и цел ден била атракција нејзиното бркање.

– Ова мало змиулче лежи згазено или загризано од мачка, на главнава улица, скоро до Славија – вели Марко кој на Фејсбук ја постираше мртвата змија.

Антонија Павковиќ Мирцеска вели дека не слушнала во последно време, но знае дека порано змии редовно си наоѓаа оние што живеат во последниот ред куќи до Водно.

– Најчесто во гаражите кај што им е поладничко. Во секој случај треба да се внимава, сепак сме близу планина – коментира таа.

Љупчо Насевски се чуди како овие диви животинки не се плашат и се симнуваат од планината до куќите.

– Не знам како и од каде се протнуваат, ама спроти месната заедница јас секоја година, досега сум забележувал мали смокови, желки, ежови, па дурии верверици, па мачките од соседите си играат со нив – вели Љупчо.

Томе Саздов пак, вели дека над Славија има диви свињи.

– Ај змии, ама од 2017 година навака, бројот на диви свињи е огромен. Деновиве имаше крдо од петнасетина, кои лежеа веднаш над Славија, над куќите и кај онаа колибата, кадешто има сандаци со пчели и лозје. Јас секој ден гледам и/или слушам диви свињи на Водно, а многу често во ниското, ама веднаш над куќите – раскажува Томе Саздов.

Тревата и ситните растенија во дворовите дополнително им ја зголемуваат погодноста за живот на овие диви животинки и им служат како нови прибежишта и живеалишта.

(С.Бл.)