Змиите се раздвижија, се шетаат и во центарот на Скопје!

Деновиве е забележана змија и во центарот на Скопје, во парковите на зградите што се спроти ТЦ „Рамстор”, што ги вознемири граѓаните кои живеат во овој дел од Скопје. Како што вели за весникот ВЕЧЕР д-р Милена Стевановиќ, директор на Клиниката за инфективни и фебрилни состојби, тие се подготвени, го имаат серумот и досега во неколку наврати им е дадена помош на наши сограѓани кои биле каснати од змија. Нема место за паника, бидејќи во болниците низ земјава има доволно противотров за змии и, за среќа, годинава сè уште немале ситуации да спасуваат човечки животи од отровната змија шарка

998

Мај е период од годината кога поради повисоките температури, се раздвижуваат змиите. Најмногу од овие влекачи страдаат земјоделците, рекреативците во природа, но змии има и во градските населби. особено во реонот под падините на Водно. Многу често се случува наши сограѓани, додека се одмораат во градината, да забележат змија. Деновиве е забележана змија и во центарот на Скопје, од жители кои живеат во овој дел. Како што нè информираше еден средовечен човек, змија е забележана во парковите на зградите што се спроти ТЦ „Рамстор”.

Како што вели за весникот ВЕЧЕР д-р Милена Стевановиќ, директор на Клиниката за инфективни и фебрилни состојби, каде што најчесто се третираат лицата што се каснати од змии, деновиве кај нив се дојдени неколку граѓани за лекарска помош.

-Сезоната на змии почна, со тоа и сè повеќе граѓани ја посетуваат нашата клиника за да им биде дадена лекарска помош – вели д-р Стефановиќ и потенцира дека има доволно серум за сите пациенти.

По каснувањето од змија, треба веднаш да се реагира бидејќи најдоцна до 24 часа од каснувањето се употребува противотровот. Лекарите предупредуваат, сите каснати лица што побрзо по случката да побараат помош во најблиската болница, бидејќи сите болници имаат серум.

Како што велат од Клиниката за инфективни болести, секоја година во земјава, во мај, јуни и во јули, има најмногу каснувања од змии. Во просек, околу стотина лица го искусуваат ова лошо искуство.

Во Македонија има неколку видови отровници кои прават сериозни проблеми кај каснатите лица. Од искуството на минатите години, на Инфективна често имаат ситуации лекарите да спасуваат човечки животи од отровната змија шарка, а годинава, како што велат, за среќа, сè уште не се соочиле со таква ситуација.

Препораката на лекарите е да се биде повнимателен кога се престојува или спортува во природа, оти топлото време предизвика змиите отровници да почнат да шетаат низ планините, на карпите, да ги има под големите камења, но и покрај реките каде што има високи треви и бујна вегетација.

Секоја година, овие влекачи се присутни и во парк-шумата Водно, затоа се препорачува рекреативците да бидат повнимателни и доколку им се случи да бидат каснати, да не ги фаќа паника, веднаш да се јават на лекар и да го примат потребниот противотров.

И во Брзата помош располагаат со противотров за змии и се подготвени да интервенираат доколку некој граѓанин го побара тоа од нив. Здравствените власти предупредуваат дека со противотрови треба да биде обезбедена и граничната полиција, како и војската, особено кога оди на терен.

Лекарите препорачуваат: Да не ве фаќа паника кога ќе ве касне змија!

Во случај ако сте во природа подалеку од некој населен град, а ве касне змија,  треба брзо да се интервенира, односно превентивно да се мобилизира просторот со лесно подврзување над каснувањето.

-Да не се движи, масира местото на каснувањето, да не се засекува со нож, ниту, пак, да се ставаат надрилекови. Исто така, да не се вшмукува со уста од отровот зашто тоа може да има и други последици, ниту, пак, да се покрива каснатата рана – објаснуваат искусните лекари.

Според биолозите, Македонија е една од ретките земји во светот каде што според биодиверзитетот се регистрирани 16 видови змии. Тоа е околу 76% од вкупните видови змии во светот, а кај нас се присутни балкански, жолт, планински и леопардов смок, потоа поскок, остраглава…

(В.Ма.)