Еден од најтиражните спортски весници во Шпанија, „Марка“, ја пласираше и информацијата дека предводникот на актуелниот светски и европски клупски шампион, тимот на Реал (М), Зинедин Зидан, планира да продаде дури 13 играчи за време на летниот преоден рок.

Трофејниот француски стручњак повеќе нема да смета на услугите на Кејлор Навас, Региљон, Ваљехо, Тео Хернандез, Дани Себаљос, Хамес Родригез, Мартин Одегард, Љоренте, Матео Ковачиќ, Оскар, Герет Бејл, Мајорал и на Раул де Томас.

Под знак прашалник, кога е во прашање престојот на „Сантијаго Бернабеу“, се Брахим Диаз, Франциско Иско, Фрако Васкез и Мариано Диаз.

Откако ќе се ослободи од овие играчи, „кралскиот клуб“ ќе стартува со најавената реконструкција на играчкиот кадар. Освен тие на белгискиот интернационалец од редовите на Челзи, Еден Азар, раководните лица на Реал (М) сакаат да ги осигурат и услугите на Пол Погба, Миралем Пјаниќ, Лука Јовиќ и на Кристијан Ериксен.

Најдобриот фудбалер на денешницата, хрватскиот интернационалец Лука Модриќ ќе има мирно лето, затоа што е дел од идните планови на Зи-Зу. Со заминувањето на Кристијано Роналдо, шпанскиот гигант не е ниту бледа сенка од оној тим кој три пати по ред ја освојуваше титулата во најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони.

Францускиот стручњак сака да направи атомски напад, а според шпанските медиуми, Еден Азар веќе има пронајдено куќа во Мадрид, преговорите со Лука Јовиќ се во финална фаза, додека „Сантијаго Бернабеу“ можно е да биде следната дестинација и на најдобриот стрелец во англиската Премиер лига, бомбардерот на Арсенал, Пјер Емерик Обамејанг.