Сè поголем број земјоделци од Пијанечкиот регион се заинтересирани за инвестирање во системите за наводнување „капка по капка“. Ова го потврдуваат делчевските трговци и агрономите кои велат дека растот на побарувачката за овие системи се должи на низата предности кои ги нуди ваквиот начин на наводнување.

– Продажбата е во подем, најмногу заради фактот што наводнувањето „капка по капка“ има многу предности во однос на другите начини на наводнување. Со овие системи водата оди таму каде е потребна, што е една од најголемите предности на овој вид на наводнување. Исто така со вложување во овој систем на наводнување, неколкукратно се зголемува производството, што е уште еден показател зошто земјоделците се одлучуваат за вакво инвестирање во производството – вели Јовановски.

Заштедата на вода, додаде, исто така е од огромно значење за земјоделците кои употребуваат вакви системи за наводнување.

– Тоа е така, бидејќи ефикасно се искористува водата со тоа што се наводнува само зоната на коренот и не се заливаат делови на кои нема растенија – рече Јовановски.

Од почетокот на годинава, како што информираа трговците, побарувачката за системите „капка по капка” во Пијанечкиот регион е зголемена за 70 проценти во однос на претходните години.