Земјоделците кои фатиле на спортска нема да ги добијат назад парите од персоналецот

Услов за поврат на персоналниот данок е земјоделците, покрај остварениот приход од продажба на свои примарни производи, да немаат остварено други приходи, по некој друг основ, кои се исто така оданочени со персонален данок. Земјоделците нема да добијат поврат на средства ако се во работен однос, ако се пензионери, ако остваруваат приходи од закуп или од игри на среќа

124

Од наредната недела ќе почне враќањето на персоналниот данок на земјоделците кои имаат остварени приходи од земјоделска дејност во 2018 година во висина до еден милион денари. Според податоците од Единствениот регистар на земјоделски стопанства во МЗШВ на 17.000 земјоделци ќе им бидат вратени вкупно 80 милиони денари. Услов за да го добијат назад персоналецот е земјоделците да немаат приходи остварени по друга основа, редовен работен однос, пензија, игри на среќа итн.

-Досега земјоделците беа ослободени од плаќање на данок во висина до 300 илјади денари, но сега се врши враќање на персонален данок кај земјоделци со основна дејност земјоделство кои имале приходи до еден милион денари. Персоналниот данок е 10 отсто од даночната стапка која изнесува 20 отсто, бидејќи 80 отсто се прифатливи трошоци во земјоделството. Меѓутоа земјоделците сметаат дека им се враќа 2 отсто на вкупниот износ на доход, изјави министерот за земјоделство, Трајан Димковски и додаде дека овие пари ќе бидат исплатени до крајот на годинава за која цел земјоделците треба да ги ажурираат своите трансакциски сметки.

Од УЈП појаснуваат дека ова право на поврат го остваруваат физичките лица кои оствариле вкупен приход од продажба на сопствени земјоделски производи до еден милион денари, а физичките лица кои ќе го надминат овој праг имаат законска обврска да регистрираат дејност во надлежен регистар.

-Услов за поврат на персоналниот данок е земјоделците, покрај остварениот приход од продажба на свои примарни производи, да немаат остварено други приходи, по некој друг основ, кои се исто така оданочени со персонален данок. Земјоделците нема да добијат поврат на средства ако се во работен однос, ако се пензионери, ако остваруваат приходи од закуп или од игри на среќа појасни Васе Неданоски од УЈП.

Физичките лица, пак, кои ќе го надминат прагот од еден милион денари остварен приход, имаат обврска согласно закон да регистрираат дејност во надлежен регистар. Регистрирањето може да го направат со запишување во Регистарот во Министерството за земјоделство како индивидуални земјоделци или во Централниот регистар како трговци-поединци или како правни лица.

Министерот Димковски информираше и за новите мерки кои произлегоа од измените на Законот за земјоделство и рурален развој, а тоа е мерката млад земјоделец за која финансиската поддршка сега е зголемена и изнесува 20.000 евра и мерката претфинансирање.

-Со оваа мерка 50 отсто од инвестицијата се покриваат со пари од ИПАРД програмата, а сопственото учество на инвеститорот од 50 отсто се покрива од националниот буџет и во рок од 8 години инвеститорот има обврска овој дел да го врати без камата, појасни Димковски. (А.С.)