Нашите барања не се содржани во ниту еден од пакет-мерките кои ги донесе Владата за справување со корона-кризата, велат земјоделците. И покрај најавите од ресорното министерство дека субвенциите ќе се исплаќаат редовно, а на земјоделците ќе им се обезбеди и дополнителна помош, субвенциите доцнат, а од дополнителната помош сè уште нема ништо.
-Досега во сите мерки за помош на економијата никој не ги спомна земјоделските барања. Според последните податоци во државата има 196 илјади земјоделски домаќинства, а тоа се над 350 илјади луѓе. Слушаме за поволни кредити за кој земјоделците не можат да аплицираат, бидејќи се бараат жиранти и хипотеки, а земјиштето и добитокот банките не ги прифаќаат како хипотека. Поради тоа, тие се изземени од оваа можност да добијат вакви поволни кредити, вели претседателот на Сојузот на земјоделци, Вељо Тантаров.
Од друга страна, како што вели Тантаров за весникот ВЕЧЕР, лидерите на политичките партии бараа од нас да произведуваме повеќе храна, а земјоделците се прашуваат како да го изведат тоа во услови на ограничени ресурси, зголемени цени и недостиг на одредени суровини.
-Ние со домашното производство на жито можеме да задоволиме 70 отсто од потребите, но никој не седнал со земјоделците да направи стратегија колку пченица ни е потребно и да направи есап по која цена таа треба таа да се продава. Лани откупот на пченица беше минимален, а откупната цена ниска. Откупувачите велеа дека нашата пченица не е квалитетна, па поради тоа голем дел отиде за извоз во Албанија и Хрватска, вели тој.
И власта и опозицијата деновиве си префрлуваат околу доцнењето на субвенциите. Од опозицијата велат дека земјоделците треба да бидат приоритет во време на пандемија, а надлежните велат субвенциите ќе бидат исплатени но поради ситуацијата со корона вирусот наплатата на приходите оди бавно, па поради тоа и исплатата ќе доцни.
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, Цветан Трипуновски, на својот фејсбук-профил апелираше земјоделците да бидат приоритет при носење на одлуките на Владата во време на пандемија укажувајќи дека над 19.000 тутунари ги чекаат субвенциите по предаден килограм тутун и тие треба да им се исплатат веднаш.
Министерот за земјоделство Трајан Димковски, ги замоли тутунопроизводителите за трпени, бидејќи како што рече и покрај очекуваната побрза динамика на исплата, состојбата со коронавирусот предизвика извесно забавување.
-Субвенциите за тутунот ќе бидат исплатени. Би ги замолил тутунарите за трпение. Очекувавме побрза динамика, но мора да се земе предвид состојбата со коронавирусот. Знаеме дека во моментот поради ситуацијата со корона вирусот имаме забавени приходи, фирмите се затворени, слаба е наплатата, а најголем дел од средствата доаѓа од ДДВ-то, рече Димковски.
(А.С.)