Земи книга додека си во парк, прочитај додека си таму и врати ја!

171

Град Скопје и Детскиот културен центар „Карпош“ на три локации поставија Улични библиотеки.

Идејното решение за дизајнот на библиотеките поставени во дворот на ДКЦ „Карпош“, Градски парк и Ибни Пајко парк, е на Македонка Тошевски.

Директорката Билјана Лалчевска Серафимовска изјави дека уличните библиотеки се прекрасен дом за книги и се достапни за секого. Луѓето можат едноставно да земат книга и кога ќе ја прочитаат можат да ја вратат, или пак, да ја подарат на пријателите.

– Доколку имате книги што мислите дека другите би уживале во нивната содржина, можете да ги оставите во било која улична библиотека на посочените локации. Целта на библиотеките е книгите да се направат достапни за сите. Тие се симбол на доверба и надеж – мала предност на книжевната среќа. Книгите се бесплатни, за позајмување и можат да бидат вратени или разменети за друга книга. Урбаниот дизајн ќе го привлече вниманието на секој страстен читател. Уличните библиотеки се прозорец во умот на општеството, бидејќи книгите се оставаат и земаат никој не треба да ги проверува дали се тука или не – истакна Лалчевска Серафимовска.