Зеленски: Преговори откако ќе запре бомбардирањето на цивили

27

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека Русија мора да престане да ги бомбардира украинските градови пред да започнат преговорите за целосен прекин на огнот, откако првата рунда разговори меѓу двете страни не успеа.

Во интервју од добро чуваниот владин комплекс, Зеленски ги повика членките на НАТО да воведат зона на забранети летови за да ги запрат руските воздухопловни сили, нагласувајќи дека тоа ќе биде мерка на претпазливост што не треба да ја вовлече Алијансата во војна со Русија.

Зеленски, кој ги одби понудите да го напушти главниот град додека руските сили напредуваат кон Киев, исто така рече дека неговата земја ќе бара законски обврзувачки безбедносни гаранции доколку НАТО ги затвори вратите на Украина за членство во Алијансата.

Зборувајќи за украинските услови за понатамошни разговори со Москва, Зеленски во заедничкото интервју за Ројтерс и Си-Ен-Ен рече дека е потребно само да се запре руското бомбардирање на цивили, а потоа да се седне на преговарачка маса.

Во моментот додека зборуваше, стигна веста дека руски проектил погодил ТВ кула во главниот град на Украина.

Украина доби испораки со оружје од членките на НАТО за да ја издржи целосната воена инвазија што ја започна Москва минатата недела, а Западот воведе остри санкции за руската економија.