Зеленски и Путин ќе се сретнат на 9 декември во Париз

89

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот руски колега Владимир Путин ќе се обидат да потпишат примирје во источниот дел на Украина и да договорат размена на затвореници за време на нивната средба следната недела.

Зеленски и Путин ќе одржат први тет-а-тет разговори на 9 декември во Париз, по повеќе од три години кога остварија средба тогашните лидери на двете земји.

Повеќе од 13.000 луѓе загинаа во судирите кои траат пет години во источниот дел на Украина меѓу проруските и украинските сили.

Според дипломатски извори, мали се шансите да се постигне мирно решение, и покрај договорот за прекин на огнот потпишан во февруари 2015 година во Минск.

– Ако почнеме да разговараме за реални политички, воени и безбедносни прашања, повлекување на дел од трупите, прашањето за локални избори и статусот на Донбас, тогаш се гледа дека двајцата лидери немаат многу маневарски простор, истакна висок француски дипломат.

Клучниот дел од договорот се изборите во Донбас, а двете страни меѓусебно се обвинуваат за неуспех во врска со договорот, кој вклучува обновување на украинската државна контрола врз целата граница со Русија и повлекување на тешкото оружување од зоната на судири.

– Ако Русија не сака да се согласи на договор, во тој случај ние ќе изградиме ѕид и животот ќе продолжи понатаму. За жал, ќе живееме во сценарио на замрзнат конфликт, истакна помошникот на украинскиот претседател Андриј Јермак на форумот во Лондон.

Поранешниот висок руски дипломат Владимир Фролов нагласи дека се многу мали шансите да се постигне договор во Париз, наведувајќи дека позициите на двете земји се непомирливи