Зелените покриви лек против пеколните лета – ја намалуваат температурата на воздухот!

1406

Зелениот покрив на Домот на градежниците зафаќа 400 квадратни метри, а се засадени нови 30 различни видови садници. Се очекува температурата на воздухот да се намали од 16 до 22 степени за разлика од сега, а дополнителна придобивка е и тоа што е зголемена енергетската ефикасност, но и тоа што повторно ќе профункционира летното кино. И додека скопскиот градоначалник Петре Шилегов ја објаснуваше придобивката од ваквиот зелен простор, граѓани на социјалните мрежи веќе коментираа сомневајќи се во функционалноста и искористеноста на овој просторот со оглед на неговата големина, нагласувајќи дека се прави зелен покрив додека објектот протекува

По реконструкцијата на зелениот покрив на ГТЦ и позитивното искуство од неговата посетеност од скопјани, Град Скопје вчера го пушти во употреба и зелениот покрив на Домот на културата „Кочо Рацин“, поранешниот Дом на градежници.

На настанот присуствуваа скопскиот градоначалник Петре Шилегов, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Нарине Сахакјан.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов, изрази задоволство што градот го добива вториот јавен зелен покрив, откако, како што истакна, се покажа дека првиот на ГТЦ, кој беше отворен на 29 ноември, минатата година е максимално искористен од сите генерации на скопјани.

Инаку, зелениот покрив на Домот на градежниците зафаќа 400 квадратни метри, за разлика од оној на ГТЦ, кој е со површина од 1.800 квадратни метри, а се засадени нови 30 различни видови садници.

Шилегов нагласи дека со отворањето на зелените покриви се намалува температурата на воздухот.

– Очекуваме температурата на воздухот да се намали од 16 до 22 степени за разлика од сега, а дополнителна придобивка е и тоа што ја зголемивме енергетската ефикасност на овој објект кој е во сопственост на Град Скопје. Вложени се 18,5 милиони денари инвестиција на Градот – изјави Шилегов.

Тој додаде дека идејата за создавање на оваа површина е да може во текот на летото да се организира и мини летно кино.

-Постарите генерации се сеќаваат кога овде порано биле проектирани филмови. Се надевам дека ќе ги вратиме спомените и ќе го облагородиме овој простор – истакна Шилегов.

Постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации, Нарине Сахакјан, истакна дека ѝ е навистина мило што присуствува на ваков настан.

-Ова не е првиот ваков зелен покрив, пред 1,5 година го отворивме зелениот покрив на ГТЦ. И секогаш кога ќе видам како луѓе уживаат во овој простор ми е убаво – истакна Сахакјан.

Таа нагласи дека зелените покриви не се единствената активност што ја спроведуваат, туку треба да се споменат и активностите за јавните простори кои се дизајнирани со учество на граѓаните, но и архитектите. Таа се заблагодари за отвореноста и транспарентноста  на партнерите, Градот Скопје и Општина Центар кои ги замоли да ги повикаат луѓето да дојдат овде со своите семејства, да уживаат и да организираат настани.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ се заблагодари за опремениот и добро испланиран простор кој ќе ги оживее спомените на постарите.

Но, додека Шилегов ја објаснуваше придобивката од ваквиот зелен простор, граѓани на социјалните мрежи веќе коментираа сомневајќи се во функционалноста и искористеноста на овој просторот со оглед на неговата големина, нагласувајќи дека објектот протекува.

Така, Оливер Пешевски вели: „Ако имате поим што правите… Тече од сите страни. Тие горе на последен кат се со кофи и легени“.

Шилегов на 27.1.2021 година го презентираше и проектот за уредување на третата и најголема зелена кровна површина во Скопје, покривот на „Мавровка“. На овој простор се планира да бидат засадени над 40 различни видови на садници на вкупна површина од 4.000 квадратни метри.

(А.П.) Фото: (Н.Б.)