Зелената површина остана само на видеата и предизборните програми

117

Иако неговата изградба беше најавена уште на крајот на јануари 2020 година, од големиот парк кој требаше да се простира на површина од 60.000 квадратни метри на просторот меѓу булеварот „Илинден“ и реката Вардар, на територијата на општина Карпош, се уште нема ништо.

Карпошани преку социјалните мрежи си го бараат паркот што им го ветија градоначалниците Петре Шилегов и Стефан Богоев, и велат дека останал само во нивните видеа и предизборни програми.

– Место зеленило и парк, имаме само градежни активности и прашина. За ботаничката градина ич да не правиме муабет. Инаку, од тогаш па до летово, парков од 30 хектари го сведоа на едно делче. Во нивниот последен ПР за мостот што ќе го градат, си исцртале само делче – нагласуваат граѓаните и додаваат дека им е доста од лажни и празни ветувања, потенцирајќи дека овој парк мора да се реализира, на овој или оној начин.

Од Град Скопје се правдаат дека за реализација на ваков голем парк, е потребно многу време.

– Самиот терен со месеци се чистеше од повеќедеценискиот смет и депонии создадени на оваа локација, а се распишаа и јавни повици за изгледот на паркот. Светската пандемија со корона вирусот ги измести приоритетите. Сепак и натаму е во план да се реализира паркот и ботаничката градина велат од Градот.

Од Општина Карпош велат дека еден дел од паркот, кај спортско – качувачката карпа е направен и таму од неодамна е отворен спортско – адреналинскиот парк, како прв проект од ваков тип во Скопје.

-Во соработка со Град Скопје и дел од јавните градски претпријатија го расчивме теренот кој претставуваше децениска депонија. Кабастиот отпад и шутот се отстранети, подигнати и очекуваме Градот Скопје есенва да продолжи со уредување, раззеленување на тој потег – нагласија од локалната самоуправа и објаснуваат дека претходно, бил објавен јавен конкурс на кој се избрани три идејни решенија, врз основа на кои Градот го подготвил основниот проект.

(А.П.)