Извршниот директор на Мекларен, Зак Браун, објасни дека бил само искрен кога го критикувал својот возач Даниел Рикардо минатиот месец.

Австралиецот е далеку од посакуваното решение за Мекларен. Со оглед на тоа дека има договор до крајот на следната година, шпекулациите за неговото неизбежно заминување се сè почести, а во таа насока размислува(ше) и извршниот директор.

Нема ништо полошо во Формула 1 кога те критикува шефот, но Рикардо не беше премногу вознемирен од тоа. Тој призна дека ја решил ситуацијата со шефот и се наврати на неговите критики.

  • Поставија прашање, а јас само дадов искрен одговор. Мислам дека Даниел го кажа истото. Тука сме да се обидеме да одиме напред. Имаме одличен однос и само дадов искрен одговор на прашањето како се одвиваат работите и дали може да одат на подобро – истакна Браун.

Потоа се правдаше и самиот Браун.

  • Даниел покажа, како и во Монца минатата година, кога му дадовме болид што одговара на неговиот стил на возење и има темпо, дека ќе излезе на патеката и ќе победи на трката. Мислам дека треба да имаме болид што е малку поефикасен и полесен за него, и тој ќе ја заврши работата – се оправдуваше Браун.

Според овие поблаги зборови, се чини дека во Мекларен повторно е сè во ред, но се чекаат вистинските резултати. Мекларен е четврти во конструкторскиот поредок, но од тие 65 бода, 50 дојдоа преку Ландо Норис, додека Рикардо е на оскудни 15 и е само 13-ти во поредокот на возачи.