Здружение на јавните обвинители: Заканите упатени кон Јовески се закана кон целата институција

31

Здружението на јавните обвинители во Република Северна Македонија најостро ги осудува последните закани упатени кон државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

-Заканите упатени кон него, како највисок во јавнообвинителската хиерархија, претставуваат закана кон целата институција и сите носители на јавно обвинителската функција. Ваквите закани од било каде и од било кого да доаѓаат, најблаго речено се нецивилизациски чин. Истите се во спротивност со сите меѓународни акти и востановени стандарди за функционирањето на Јавното обвинителство во секоја правна држава, се наведува во соопштението од Здружението на јавните обвинители.

Оттаму посочуваат дека Јавното обвинителство како институција има интегритет и сила, преку носителите на јавно обвинителската функција со правни средства да се бори против сите облици на криминалитет. Во изврешувањето на функцијата на кривично гонење на сторителите на кривични дела, никој и со никакви средства не може да го спречи Јавното обвинителство, а уште помалку да го поколеба во извршувањето на неговите уставни и законски надлежности.

Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија вчера соопштија дека јавниот обвинител Љубомир Јовески добил закана по неговиот живот поради конкретен кривичен предмет по кој постапката е завршена во декември 2021 година. Заканата која била испратена преку препорачана пратка и напишана на македонски и на англиски јазик, како што велат од Обвинителството била од „терористичка организација која се бори и убива за неправда“.

Јавниот обвинител на Северна Македонија во соопштението истакнува дека се залудни ваквите закани и во оваа прилика нагласува дека заканите, па дури и да се по живот нема да го поколебаат во примената на законите и во професионалното и одговорно постапување на Јавното обвинителство.

Од Обвинителството најавуваат дека пратката ќе биде доставена до Министерството за внатрешни работи заради испитување на содржината на наводите и пронаоѓање на лицето кое ја експедирало.