„Здравје за сите“ во кумановското село Тромеѓа

160
Екипите на Здравствен дом Куманово денеска со акција и бесплатни прегледи за населението во село Тромеѓа ја завршија овогодишната програма на Министерство за здравство „Здравје за сите“, информираа надлежните од јавната здравствена установа.
Тимовите организираа акција за мештаните од оваа населено место која беше спроведена согласно протоколите за преглед во услови на пандемија. Акцијата е наменета за жители од рурални средини и има за цел да овозможи бесплатни прегледи кои вклучуваат мерење на шеќер во крвта, притисок, и холестерол.
Присутните имаат можност да се консултираат со лекарите и да добијат совети за здрав начин на исхрана и во овој момент и совети за заштита од ширење на коронавирус.

Најголем процент од прегледаните беа на возраст од 30 до 50 години и кај дел од нив беше утврден зголемен шеќер во крвта, мал дел беа пушачи кои добија совети за одвикнување. На хронично болните, тимовите им препорачаа редовно користење на пропишаната терапија. На оние на кои им беа утврдени одредени состојби се упатија за понатамошни прегледи, изјави главната сестра од Зравствен дом, Марина Додевска.

За наредната година, најавија од Здравствен дом  планирано е да се одржат шест акции „Здравје за сите“ кои се спроведуваат согласно програмата на ресорното министерство.
Извор:МИА