Здравјето на граѓаните приоритет на кандидатот за градоначалник на Струга од ДПА

66

Дислоцирање на дивите депонии во општина Струга, изградба на канализациски мрежи во населените места Подгорци, Лабуништа, Октиси и Боровец, решавање на проблемот со водата за пиење во Струга, се само дел од предизборните ветувања на кандидатот за градоначалник на ДПА Самир Муртезоски.

Повикувајќи ги стружани на локалните избори, на 17 октомври, да го заокружат бројот 11, на вечерашниот митинг во Подгорци, тој нагласи дека здравјето на граѓаните ќе биде приоритет во неговото работење.

– Здравјето на граѓаните ќе биде мој приоритет во работењето. Тоа ќе го овозможам со дислоцирање на дивите депонии од сите населени места и градот Струга, во соработка со останатите општини со изградба на регионален центар за рециклирање. Отпадните води од Подгорци, Лабуништа, Октиси и Боровец, кои сега завршуваат во полето и во реката Црн Дрим, со изградба на канализации ќе бидат собрани во колекторски систем и нема да завршуваат во реката, рече Муртезоски.

За ромските семејства, кои живеат во импровизирани живеалишта на влезот од градот најави изградба на социјални станови, со што ќе им се овозможи достоен живот, а со тоа ќе се промени сликата за туристичка Струга. Кандидатот на ДПА, доколку ја добие довербата на стружани најави и поставување панели за изолација на звук, во населениот дел на патниот правец Подмоље – Ќафасан.

За Струга, како што рече, градот на две води, најави решавање на долгогодишниот проблем со водата за пиење, подвлекувајќи дека ќе ги застапува интересите на граѓаните од секое населено место без разлика колку жители има.

Муртезоски ги повика против кандидатите на отворена дебата, во центарот на Лабуништа, место кое ја носи одуката за Општина Струга, заеднички да се соочат пред граѓаните со своите проекти и визија за општината.

На собирот беше претставена и советничката листа на партијата со носителот Јетмир Марази.