Здравко Чолиќ и весникот ВЕЧЕР ја одбележаа својата 30-годишна соработка и пријателство: Во пролетна скопска ноќ, јубилеј за почит!  

155

Здравко, ги обожава македонските вина. Па така, во добро расположение и во комбинација со вино и со специјалитети од македонската кујна, се редеа најголемите хитови испеани од самиот Чола: „Гори ватра“, „Звао сам је Емили“, „Ти си ми у крви“, „Станица Подлугови“, „Шта ми радиш“, „Есма“, „Живиш у облацима, мала“, „Шљиве су родиле“, „Љубав је само реч“, „Једна зима са Кристином“, „Продужи даље“, „Побегнимо који дан на море“, „Главо луда“, „Мало појачај радио“,“Ружице, Рушка“, „После раскоши и сјаја“, „Тебе чувам за крај“… кои се пееја само во придружба на гитара, кај газда Перо во „Мрзенци“. Добро е што гласот сè уште го држи, а да не зборуваме за неговата харизматичност по која е надалеку познат кај седмата сила

Мегаестрадната музичка ѕвезда Здравко Чолиќ и најчитаниот и најтиражен македонски дневен весник, ВЕЧЕР, повторно ги здружија силите. Пред некоја вечер, во тивка пролетна ноќ, во прекрасниот амбиент на скопскиот ресторан „Мрзенци“ кај газда Перо, симболично и во потесно друштво ја прославија својата долгогодишна соработка, но воедно и искреното пријателство. Не беше тоа роденден на ВЕЧЕР, ниту беше роденден на пејачот омилен на сите генерации. Беше добра причина да се сретнеме и да ја прославиме 30-годишнината од успешната комуникација. Кој би кажал дека токму сега е датумот на јубилејот.

Весникот ВЕЧЕР е, всушност, тој што редовно ги следи сите негови концерти, настапи на фестивали, промоции и прослави, и тоа не само сега, во самостојна Македонија, туку уште во времето на големата југословенска естрадна сцена. Здравко, како вистински професионалец, секогаш знаеше да ни излезе во пресрет иако, можеби, беше или уморен или нарасположен, како и секое човечко суштество. Но, за ВЕЧЕР немаше премор. И кога има нов албум, нова песна, кога е на турнеја… со изјавите и со ексклузивните интервјуа, што е, секако, голема радост за нашите верни читатели, неговите обожаватели, а, најмногу од сè, за обожавателките.

Овој само навидум мал, но значаен јубилеј за Здравко и за весникот ВЕЧЕР, вечерта во Скопје беше прославен со добра песна и со најдобрите македонски вина, кои газда Перо специјално ги има донесено за Здравко, кој му е, исто така, долгогодишен пријател. А, Здравко, пред сè, ги обожава македонските вина. Па така, во добро расположение и во комбинација со вино и специјалитети од македонската кујна, се редеа најголемите хитови испеани од самиот Чола: „Гори ватра“, „Звао сам је Емили“, „Ти си ми у крви“, „Станица Подлугови“, „Шта ми радиш“, „Есма“, „Живиш у облацима мала“, „Шљиве су родиле“, „Љубав је само реч“, „Једна зима са Кристином“, „Продужи даље“, „Побегнимо који дан на море“, „Главо луда“, „Мало појачај радио“, „После раскоши и сјаја“, „Тебе чувам за крај“… кои се пееја само во придружба на гитара. Добро е што гласот сè уште го држи, а да не зборуваме за неговата харизматичност по која е надалеку познат кај седмата сила. Облечен речиси пролетно, во зелен џемпер, кој му се совпаѓаше со годишното време и со пристојните години.

Додека седевме и муабетевме вечерта во скопското „Мрзенци“, Здравко најде простор и време да нè потсети и на она неубаво време, кога беше принуден да го напушти родното Сараево со семејството. Додека беснееше крвавата граѓанска војна во неговата Босна, тој,  како бегалец, најде засолниште во мирното Скопје, во тогашното Олимписко Село, кое привремено му беше нов покрив над главата.

– Дали да го памтам тоа време или не, не знам ни самиот? Не би го памтел, можеби, само затоа што во тие години целиот мој свет и светот на моите родители, мојот брат Драган, моето семејство, се урнаа. Наеднаш од убав живот во Сараево, поради виорот на бесмислената војна, бевме принудени да избегаме оттаму, буквално спасувајќи живи глави. Се разбира, каде ако не во Скопје, кај пријателите. Скопје е мојот омилен град. Тука имам армија другари од различни професии. Живеејќи ги тие години во Скопје, неизбежно беше секое утро да се среќавам и со многу весници, бидејќи и онака сакам да читам весници. Во Скопје, изборот не случајно ми падна токму на весникот ВЕЧЕР.

Пријателите ми го носеа ВЕЧЕР секогаш пред појадок. Памтам, додека ја сушев косата во бањата, ќе ми се „залепеше“ за очи најпрво тоа силно, впечатливо, црвено лого ВЕЧЕР, испишано со големи, бели букви. Онака за себе ќе си кажев: „Ех, ете го стариот добар ВЕЧЕР!“ Со задоволство го читав. Иако не го зборувам, добро го разбирам македонскиот јазик. И да не знаев по некој збор, ќе ми го преведеа моите пријатели Македонци. На весникот ВЕЧЕР му останав верен сè до денес. Еве, сè до оваа вечер, во овој убав ресторан, каде што иако скромно, но со многу симболика го славиме нашето дружење.

За крај, Здравко, како некој грижлив родител, порачува, сите да си го чуваме здравјето, да не си ги броиме годините, да ја задржиме насмевката, велејќи дека животот и онака поминува со брзина на светлината. Воедно, самиот посака тој и весникот ВЕЧЕР и понатаму да останат заедно, по можност уште за години 100!

Дуле Миќиќ