Згурата од велешката топилница ќе се меле и ќе се извезува

На депонијата се складирани 1,8 милиони тони отпад, кој е составен од згура во која има и големи блокови од по еден тон, но и со метали, поради што најпрво ќе се врши одвојување на металите (олово и цинк) што се преработувале во Топилницата. Капацитетот на постојката е 30 илјади тони месечно и издробената згура ќе се складира на парцела во близина на депонијата

156

На локација на поранешната Топилница покрај Велес, на локалитетот Баш Колиби во тек се подготвителни работи за поставување на линија за дробење, сепарирање и селектирање на техногената минерална суровина – згура, која со години лежи на огромната депонија. Работите му се доверени на концесионерот „Кепс монт груп“ кој набавува технологија за дробење и мелење на згурата, пред таа да се извезе и продаде во странство.

Оваа компанија поседува Б-Интегрирана еколошка дозвола издадена од Општина Велес во 2019 година и деновиве од Државниот инспекторат за животна средина беше направен инспекциски надзор и изготвен е записник за констатираната состојба.

На депонијата се складирани 1,8 милиони тони отпад, кој е составен од згура во која има и големи блокови од по еден тон, но и со метали, поради што најпрво ќе се врши одвојување на металите (олово и цинк) што се преработувале во Топилницата. Капацитетот на постојката е 30 илјади тони месечно и издробената згура ќе се складира на парцела во близина на депонијата.

Во депонијата на некогашната Топилница има многу метали, заостанати од некогашната преработка на олово и цинк. Според проценките, пак, околу 10 проценти се цинк, еден процент олово како и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум.

Се претпоставува дека на депонијата заедно со згурата се измешани од 100 до 200 илјади тони цинк кој на светскиот пазар имаат респектабилна вредност, како и 0,2 отсто арсен и 2 насто олово, како и индиум и антимон. Депонијата со години е незаштитена и ја загадува почвата во Велес и околината. Во 2018/2019 година беше направено истражување кое покажа присуството на тешки метали во почвата по деконтаминацијата со засадена маслодајна репка на површина од 0 до 20 сантиметри. Лабораториските анализи на стручњаците од ЈЗУ Центар за јавно здравје од Велес покажаа дека по деконтаминацијата со репката, наместо да се намалат, присуството на тешките метали се зголемило за 0,5 пати, а оние на поголеми длабочини по деконтаминацијата се намалиле се 3,5 пати.

Се покажа дека најкритично е во реонот на Башино Село, кај Комплекс УЗУС и Речани. Дека згурата е и натаму загадувач на почвата, доказ е податокот дека иако еден земјоделец од Речани на четири декари целосно ја заменил почвата со нова чиста од друг регион, само по една година и таа била контаминирана.

Откако ќе се дислоцира згурата, ќе се продолжи со деконтаминација на почвата и со други растенија – фиторемедијатори што се поотпорни на суша, како сончогледот, но и други поотпорни култури што треба да помогнат да се исчисти загадената и потоа на чиста почва да се садат градинарски култури што најмногу се одгледуваат во овој реон.

Загадувањето на почвите доведува и до загадување на храната, така што загадувањето на зеленчукот што се произведува на тој простор е контаминирано, особено со кадмиум и олово. Така. кај земените примероци од 40 зеленчуци на земјоделски површини во непосредна близина на Велес, концентрациите на кадмиум биле и над 20 пати, а на олово од два до 10 пати над дозволените интервентни вредности. На цинкот концентрациите не се ограничени.

(С.Бл.)