Зголемување на цената на брашното и лебот ако не се реши проблемот со извоз во Косово

Од мелничката индустрија испратија апел до Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за економија, но реакцијата од нивна страна доцни. Мелничарите се заканија дека доколку надлежните институции не преземат мерки за заштита и зголемување на домашното производство ќе има зголемување на цените на брашното и лебот. Од Стопанската комора на Македонија велат дека се работи за класична блокада, бидејќи македонското брашно ги исполнува сите критериуми за извоз

403

Камионите со македонско брашно останаа да чекаат на граница 25 дена поради блокадата од косовска страна. Извозот не може да се реализира бидејќи Косово им го враќа брашно под изговор дека нивото на железо и фолна киселина во него е под пропишаниот правилник. Од мелничката индустрија испратија апел до  Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за економија, но реакцијата од нивна страна доцни. Мелничарите се заканија дека доколку надлежните институции не преземат мерки за заштита и зголемување на домашното производство ќе има зголемување на цените на брашното и лебот.

Од Стопанската комора на Македонија велат дека се работи за класична блокада, бидејќи македонското брашно ги исполнува сите критериуми за извоз.

-Се соочуваме со класична блокада од косовска страна. Нашето брашно е со повисок квалитет од пропишаниот. Косово сака да го заштити сопственото производство кое е многу мало и затоа ставаат повисоки параметри. Испитувањата на граница покажале дека нашето брашно не ги исполнува тие параметри и покрај тоа што сите направени анализи во нашите лаборатории го потврдија спротивното. Македонското брашно ги исполнува условите за извоз, односно нивото на железо и фолна киселина е во пропишаните рамки, вели за ВЕЧЕР Васко Ристовски, самостоен советник во Стопанска комора на Северна Македонија.

По враќањето нашето брашно е испитано во нашите лаборатории и констатирано е дека содржи повеќе од минималната утврдена количина на железо и фолна киселина. Камионите се враќаат назад бидејќи не им се исплатува да чекаат на граница и да плаќаат лежарина.

Ристовски вели дека се работи за класична блокада и оти доцни реакцијата од Министерството за економија кое досега требаше да го реши проблемот за да не трпат последици македонските извозници.

– Ова е не е прв пат да го блокираат извозот на некој наш производ. Со нив секогаш имаме проблеми, било да се работи за брашно или други земјоделски производи. Едноставно Косово не ги почитува ниту ЦЕФТА протоколите, ниту билатералните договори. Кога сакаат тие стават блокада и тоа е тоа, вели Ристовски.

Од Министерството за економија велат дека се во комуникација со косовските власти за изнаоѓање заедничко решение. Ќе преземеме соодветни мерки во зависност од информацијата во текот на неделава.

Од АХВ, пак, велат дека имаат издадено сертификат за безбедност кој е усогласен со косовската Агенција за храна и ветеринарство.

-Сертификатот е придружен со резултати од спроведени лабораториски испитувања за безбедност на брашното, направени од страна на извозникот. Испитувањата се направени со соодветни акредитирани методи, со кои е потврдено дека производот е во согласност со важечките прописи за безбедност на Република Косово, напоменуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Извозот на македонско брашно на Косово е минимум 600 тони месечно, а изминативе денови биле вратени најмалку 300 тони брашно.

Според податоците на Стопанската комора, лани извозот на македонско брашно на Косово на годишно ниво бил 4.400 тони, а во 2019 година изнесувал 8.400 тони.

(А.С.)