Зголемен е бројот на субвенции за печки на пелети и инвертер клими во Кочани

200

Советот на Општина Кочани го прифати предлогот на општинската администрација за зголемување од 50 отсто на бројот на субвенции за набавка на печки на пелети или инвертер клими за затоплување на домаќинствата.

Одлуката претставува дополнување на претходно усвоената мерка за намалување на аерозагадувањето, со која беа одобрени по 10 илјади денари од семејство како поддршка за оние кои ќе направат промена на грејните тела што користат дрва, јаглен, нафта или мазут. Повикот беше објавен во почетокот на ноември и досега интересот кај граѓаните е голем, односно примени се повеќе барања од сумата за првично планираните 60 субвенции.

– Доколку од објавувањето на јавниот повик за субвенционирање што трае до 20 декември се пријават повеќе од 90 семејства кои ги исполнуваат условите, сите ќе бидат прифатени, а исплатата на субвенцијата ќе се врши од буџeтот на Општина Кочани за 2020 година. Средствата се обезбедени од Програмата за активностите во областа на заштитата на животната средина, стои во одлуката што ја усвои Советот на Општината.

Од општинската админстрација истакнаа дека мерката е со цел да се подигне јавната свест за заштита на животната средина и да се иницира кај граѓаните да почнат постепено да преминуваат на поеколошки начини на затоплување. Семејствата кои ќе побараат субвенција треба да го имаат платено данокот на имот за својот станбен објект, а освен тоа објектот каде што ќе се инсталира грејното тело да е вселен, односно да не е во фаза на градба.

Членовите на Советот на Општината предложија, заедно со домаќинствата, да се преземат мерки за промена на грејните тела и кај јавните институции чиј основач е локалната самоуправа