Збунети ученици со забранети учебници!

131

Случаите на незаконско комерцијално пуштање во употреба на бесплатни учебници ќе биде пријавено на надлежните институции, повтори и денеска министерката за образование и наука, Мила Царовска, запрашана за појавата на печатени учебници и скрипти за четврто одделение, коишто се предвидува да бидат само во електронска форма.

„Како што реков и вчера, сите детектирани случаи на комерцијално пуштање во употреба на бесплатни учебници ќе биде спроведено до надлежните институции“, рече министерка.

Ден порано, Царовска изјави дека МОН е информирано дека во некои книжарници се продаваат учебници за четврто одделение, при што МВР постапува по случаите, каде што се прекршени материјалните права на авторите и на издавачите на учебници. Таа потенцира дека просветните инспектори се постојано на терен за да контролираат дали се користат фотокопирани учебници за четвртоодделенците. Апелира да се користат дигиталните верзии.

„Секој родител кој се обидува на ученикот да му наметне печатен учебник прави штета, не му прави добро, затоа што користење дигитални учебници е свесно поставено така за да добиеме и подобра дигитална писменост, но и да им посочиме на учениците дека користењето електронски уреди не се само за играње, туку се и места за учење и примање знаење“, истакна Царовска.

Нејзината изјава предизвика лавина реакции од професорската и стручната фела, а најмногу од родителите .

 

„Државата, локалната самоуправа и на крај училиштата најпрвин мора да обезбедат соодветни услови за непречено одвивање на наставата со дигитални учебници, вели претседателот на СОНК, Јаким Неделков. Ако нема услови, како ќе учат децата, кога е забрането користење на печатени и фотокопирани учебници, бидејќи тоа е кривично дело, додава тој. Преку отворено писмо до министерката реагира и претседателката на Глас за Македонија, професорката„,Солза Грчева.

-Како долгогодишен професор во областа на софтверското инженерство, но и искусен педагог токму во областа на употребата на дигиталните содржини во наставата на најмалите, како главен координатор на голем европски проект на оваа тема (со партнери од Велика Британија, Холандија и Белгија), си земам за право да Ве поучам, пишува Грчева во отвореното писмо.

-Најстрашно од сè, што за првпат во животот, за првпат во светот, слушам од устата на еден министер за образование и наука дека ќе гони, казнува, пријавува употреба на замислете, УЧЕБНИЦИ. Ги демонизирате книгите, наместо да создавате култура на нивна употреба. Немојте да давате примери со Финска, Ве молам. Многу сте далеку од тоа да го разберете нивниот концепт. Само накусо ќе кажам дека 6 години им траеше подготовката за дигитализација и започна со менување на наставата на педагошките факултети. Кај нас со некакви пет пари обуки за наставниците. Ќе си дозволам да кажам дека во овој случај, вицот со жабата која кренала нога и неа да ја потковаат, не е претеран, стои меѓу другото во отвореното писмо на Грчева упатено до министерката Царовска.