„Пред нас го имаме првиот Речник на антонимите во македонскиот јазик, кој преставува дел од таканаречените речници на семонимите. Во оваа група влегуваат и синонимите, хомонимите и паронимите. Зошто некому му е потребен ваков речник, ќе се запрашаат луѓето. Станува збор за една комплексна збирка лексеми во која се прикажува нивната противоположност, односно нивната опозиција што тие природно ја носат со себе во својата основна семантичка поставка“, изјави за весникот „Вечер“, лингвистот и лексикограф д-р Емил Ниами, авторот на првиот Речник на антонимите во македонскиот јазик

„Секој збор сам по себе може да се употребува во живиот јазик насекаде, но доколку тој не биде зафиксиран во речник, останува само како случка која не е опишана во историјата. Токму затоа, лексикографијата, која веќе одамна прерасна во самостојна лингвистичка дисциплина, се труди да ги забележи зборовите со сиот свој семантички опфат. Пред нас го имаме првиот Речник на антонимите во македонскиот јазик, кој преставува дел од таканаречените речници на семонимите. Во оваа група влегуваат и синонимите, хомонимите и паронимите. Зошто некому му е потребен ваков речник, ќе се запрашаат луѓето. Станува збор за една комплексна збирка лексеми во која се прикажува нивната противоположност, односно нивната опозиција што тие природно ја носат со себе во својата основна семантичка поставка“, изјави за весникот „Вечер“ лингвистот и лексикографот д-р Емил Ниами, авторот на првиот Речник на антонимите во македонскиот јазик, чија промоција се одржа синоќа во КИЦ. Ова е втор речник на Ниами, бидејќи пред една година излезе и неговиот Речник на паронимите во македонскиот јазик, кој е исто така прв таков речник воопшто во македонската лексикографија.

Според Ниами, луѓето кои професионално се занимаваат со јазикот (лингвисти и филолози, писатели, наставници, новинари, публицисти), како и оние кои се грижат за својот јазичен исказ, имаат потреба од вакви видови речници, со цел јасно да ја дефинираат својата мисла, да бидат концизни во својот исказ и, доколку им е потребно да прикажат извесна противоположност, ваквиот вид речници ќе им бидат од помош. „Интересно е тоа што речниците на семонимите се и интересно четиво, кое ќе ве натера да размислувате како за јазикот на кој говорите така и за вашиот личен јазичен израз. Многу ми е драго што како јазичар успевам да пополнам извесни дупки во македонската лексикографија и да ја збогатам со уште едно речничко издание“, додава Ниами.

За промоторката на Речникот на антонимите, проф. д-р Симона Груевска-Маџоска, пак, меѓу најсложените речници за изработка се оние кои ги зафаќаат лексичко-семантичките односи меѓу зборовите, и тоа на антоними, синоними и хомоними. „Дури и на прв поглед, при пристапот кон овие лексичко-семантички односи ќе наидеме на навистина големи проблеми. Во лингвистичката литература ќе сретнеме најразлични дефиниции за тоа што се антонимите, синонимите или хомонимите. Затоа, пред да се зафати некој со изработка на ваков тип речник, ќе треба да помине многу, многу време во проучување на обемната литература и да се определи за некој конкретен пристап“, истакнува Груевска-Маџоска.

Како што посочи таа на промоцијата, авторот Ниами се води од пристапот дека антонимите треба да ѝ припаѓаат на иста зборовна група и ги претставува во антонимни парови. „Во антонимен однос ги поставува и антонимите и синонимите меѓусебно, зашто едните претставуваат спротивност во значењата, а другите, пак, еднаквост. Можат ли сите зборови во јазикот да се постават во антонимен однос? Авторот ни го дава одговорот на ова прашање на следниот начин: ‘во антонимиски однос можат да стапат само оние зборови што се корелативни по каков и да е признак ‒ квалитативен, количествен, временски, пространствен, и кои се однесуваат на една иста категорија на објективната реалност, како термини што се заемно исклучувачки: убав ‒ грд, многу ‒ малку, утро ‒ вечер’. Останатите зборови не можат да имаат свој антонимски пар. Такви се именките со конкретно значење од типот маса, стол, компјутер, ѕид, потоа броевите и поголемиот дел од заменките“, додава Груевска-Маџоска.

Во Речникот на антонимите во македонскиот јазик, на повеќе од 200 страници, се опфатени околу 450 (446) антонимски парови подредени по азбучен редослед. Во предговорот авторот ја објаснува методологијата на изработката и ги дава изворите од кои е ексцерпирана лексичката граѓа, а тоа се околу 200 дела на македонски автори, публицистика, блогови, телевизиски емисии, а толкувањата ги дава според Речникот на македонскиот јазик со српско-хрватски толкувања, толковните речници на Зозе Мургоски и на Институтот за македонски јазик и Големиот лексикон за туѓи зборови и изрази од Велика Ширилова. Особено е значајно што под секој антонимски пар се подведени ексцерпирани примери, што му дава особена тежина на речникот.

Речникот на антонимите во македонскиот јазик е во издание на Книгоиздателството Ми-Ан. (Н.И.Т.)