Збирката раскази „Два света“ од Сузана Тратник објавена на македонски

48

„Два света“ е насловот на збирката раскази од словенечката писателка Сузана Тратник која ја објави издавачката куќа „Готен“. Преводот од словенечки јазик е на Дарко Јан Спасов.

Во „Два света“ авторката се занимава со лезбијските искуства и прашањата поврзани со општествените норми. Хомосексуалната перспектива е дадена низ призмата и на младешкиот и на возрасниот живот. Ликовите во книгата како да се заробени во два различни света, при што она што се споделува е чувството на изолација и живот на општествените маргини.

„За Тратник, љубовта е средишна точка во која се вкрстуваат многубројни лични, општествени и политички прашања, убедувања, конвенции и стереотипи. Авторката е мајстор за создавање атмосфера на интензивна емотивна тензија меѓу ликовите, тензија која често не е искажана, туку само насетена. Затоа самата атмосфера ја има улогата на клучен ‘играч’ во расказите. Додека напнатоста тивко бабри под површината на односите, ликовите се на чекор до експлозија, која би значела и откривање и ослободување“, посочува издавачот.

Сузана Тратник е една од најистакнатите современи словенечки писателки. Пишува раскази, романи, публицистички и теориски дела. Се смета за една од зачетничките на ЛГБТ сцената во поранешна Југославија. Дарко Јан Спасов, пак, е преведувач и драматург. Добитник е на наградата „Еуродрам“ во 2019 година за преводот на пиесата „Брана“ од Конор МекФерсон.

Издавањето на книгата е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.