За 5 години се гасифицираа само две болници

88

За 5 години се гасифицираа само две болници и тоа со големо задоцнување. Наместо во 2019-та, гинекологија во Чаир се префрли на гас во септември 2020, а општата болница во Струмица дури месецов, ноември 2021.

– Венко Филипче пред три години изјави дека гасификацијата на општата болница во Куманово е приоритет за Министерство за здравство, но еве и во 2022 година ќе се грее на мазут. Болницата уште во 2017 година има изготвено проект за гасификација, а изградена е и цевка за довод на гас до болницата. За промена на начинот на греење се потребни околу 200 илјади евра – информираат од О2 Иницијатива.

Оттаму потсетуваат дека Владата вети до 2024 година ниту една државна институција нема да се грее со стари и нееколошки системи за греење.

– Што е со болниците во Битола, Тетово, Прилеп, Охрид, Гостивар, Кавадарци, Гевгелија, Велес, Штип, Струга, Кичево, Кочани, Негорци? Со Институтот по белодробни заболувања кај децата во Козле, Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација во Капиштец, болницата за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Ѓорче Петров, психијатриската болница во Бардовци? Да не ги набројуваме здравствените домови. Сите се греат на мазут/нафта/лесно масло – потенцираат оттаму.