За што 20 години крв, пот и солзи?

155

Крилниот напаѓач на Манчестер Јунајтед, Џеси Лингард, на крајот од актуелната сезона ќе има статус на слободен фудбалер. Пред една недела, „црвените ѓаволи“ го одиграа последниот натпревар за оваа сезона на „Олд Трафорд“, но репрезентативецот на Англија не доби шанса на вистински начин да се збогува со верните фанови на Јунајтед. Таквата одлука на клупскиот менаџмет јавно беше критикувана и од братот на Џеси Лингард, Луи Скот.

  • 20 години крв, пот и солзи, четири шампионски титули, три погодоци во финалните натпревари, а ништо од тоа да каже збогум како што треба. Ништо чудно, следната година ќе играат во Конференциската лига. Беше дел од Јунајтед уште кога имаше девет години. Браво, брат, фамилијата е горда на тебе, напиша Скот на својот инстаграм профил.

Пензионираниот англиски дефанзивец и поранешен капитен на Манчестер Јунајтед, Рио Фердинанд, во својот подкаст изјави дека може да ја сфати реакцијата на братот на Лингард. Фердинанд призна дека се уште му е криво како ја завршил својата авантура како фудбалер на Манчестер Јунајтед.

  • Јунајтед е еден од најлошите клубови на тоа поле. Останатите клубови на спектакуларен начин се разделуваат од фудбалерите кои биле успешни. Јунајтед своите успешни фудбалери не ги третира како останатите клубови. Не можам да кажам дека сите тоа го заслужија, но убаво е да си заминеш на посебен начин, да осетиш дека многу си дал за клубот. Едно време бев бесен поради начинот на кој си заминав од Јунајтед. Но, го преболив тоа. Не беше среќна ниту мојата фамилија, но тоа никогаш не би го објавил на социјалните мрежи. Сепак, секој е различен, изјави Фердинанд.