За „шпанските скали“ приведени 11 лица

96

Пред судија на претходна постапка се изведени единаесетмина осомничени меѓу кои поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески и Димитар Димовски член на Извршен комитет на ВМРО ДПМНЕ и Дејан Митревски претседател на општински комитет на оваа партија во Аеродром, објави Радио Слободна Европа.

Проневера на околу 2 милиони евра со 4 незаконски договори за големи парцели е причината поради која за поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески повторно се бара мерка притвор, велат од Обвинителството за организиран криминал. Јанкиески пред суд е донесен од домашниот притвор кој го доби поради сомневање дека е дел од организаторите на насилниот упад во Собранието на 27 април.

Обвинителството за организиран криминал отвори постапка против единаесет поранешни и сегашни вработени во државни институции. Станува збор за петмина вработени во министерството за транспорт и врски, потоа за нотари и вработен во Катастар, како и државниот правобранител на Град Скопје. Изутрината беа приведени и Димитар Димовски член на Извршен комитет на ВМРО ДПМНЕ и Дејан Митревски претседател на општински комитет на Аеродром потврдија од ВМРО-ДПМНЕ за РСЕ.

„По неколку месечна сеопфатна предистражна постапка, денеска по насоки на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се преземаат дејствија за обезбедување на осомничени лица на повеќе локации во Скопје“, појаснуваат од МВР

Тие се осомничени за злоупотреба на службена должност за договори за продавање на државно земјиште во центарот на Скопје за таканаречените „Шпански скали“ проект кој требаше да биде дел од Скопје 2014. Договорите за земјиштето биле дополнувани со анекси и покрај тоа што не биле исполнувани условите за тоа.