За февруарската и мартовската плата помош од околу 27 милиони евра

70

Над 1,6 милијарди денари, или околу 27 милиони евра, изнесува помошта за плати на вработените за февруари и март годинава што на компаниите кои ја побарале Управата за јавни приходи им ја одобри заклучно со средата.

За исплата на февруарската плата е доделена помош на 11.658 компании, во кои се опфатени 53.253 вработени. Од  УЈП информираат дека вкупната финансиска поддршка за тој месец изнесува 849.671.869 денари, односно околу 14 милиони евра.

За март до Генералниот секретаријат на Владата се доставени налози за исплата за 11.136 компании, во кои се опфатени 50.713 вработени, а финансиската поддршка изнесува 805.744.255 денари, или нешто над 13 милиони евра.

-Вкупно одобрени барања БФП/ИП/3 за февруари се 12.655, а за март 12.269, информираат од УЈП за весникот ВЕЧЕР.

Без конкретни податоци и бројки оттаму додаваат дека за компаниите кои добиле финансиска поддршка, а не исплатиле плата на работниците, даночната управа согласно своите надлежности изготвила и доставила опомени и решенија за присилна наплата до носителите на платен промет, со цел наплата на неплатените МПИН.

Во УЈП уште прашавме колку фирми се уште не ја исплатиле помошта добиена со двата претходни пакета мерки, за колку вработени станува збор и на колку компании вкупно им се блокирани сметките поради неисплата на државната помош за плати. Одговорот е дека во тек е анализа на неисплатена државна помош за плати, по што ќе следува и јавна објава.

Помошта за платите за февруари и март фирмите погодени од кризата предизвикана од пандемијата јадобиваат како мерка од петтиот пакет, кој поради застој во носењето на соодветниот закон во Собранието се доделуваат со речиси два месеца задоцнување.

Од Владата информираа дека ова е последна поддршка од таков вид, а на фирмите како алтернатива со петтиот пакет им понудија бескаматни кредити. Претходно компаниите добиваа ваква помош во два наврата и тоа за април, мај и за  јуни и за октомври, ноември и декември лани.Дел од нив добиените пари за бруто плати воопшто не ги префрлија на сметките на вработените. Поради ова, неколку компании завршија со кривични пријави, а на дел им се блокирани сметките и им севрши присилна наплата.

(С.В.)