Од почетокот на мисијата на Фронтекс во Албанија 22 мај до сега откриени се околу 400 имигранти во зелениот појас на албанско-грчката граница.

Од нив 253 доброволно се вратиле назад во Грција, додека останатите по извршените неопходни проверки и дадените изјави во Управата за граница и миграција, се транспортирани во Центарот за азил во Бабру, во близина на Тирана.

Директорот на Одделот за граница и миграција Едуард Меркај изјави дека мисијата Фронтекс ги дава првите резултати, но проблемот е заминувањето на барателите на азил од центарот во Бабру.

– Многу од овие имигранти, кои аплицираат за азил вршат злоупотреба бидејќи се обидуваат да побегнат. Најчесто тоа го прават за да заминат во Црна Гора, а во последно време и кон Косово, изјави Меркај.

Тој вели дека главната точка од договорот меѓу државната полиција и Фронтекс се реализира многу добро и најавува дека свои офицери може да упатат и некои од соседните земји.

– Од комуникацијата со колегите во Црна Гора, Македонија и во Косово, тие чекаат да ги видат позитивните чекори што оваа операција ќе ги преземе во правец на намалување на нелегалната миграција. Тие исто така можат да донесат свои офицери, кои ќе бидат со статус на набљудувачи, истакна Меркај за тиранската телевизија „Ора њуз“.

Неодамна албанскиот министер за внатрешни работи Сандер Леши изјави дека во 2018 година бројот на имигрантте бил шестпати зголемен во споредба со 2017 година, и оти оваа појава присутна е и оваа година.

Затворањето на балканската рута која минуваше од Босна и Херцеговина и Унгарија го зголеми бранот бегалци кои минуваат низ Албанија. Така, на територијата на Албанија лани беа откриени повеќе илјади илегални мигранти, главно од Сирија, но и од палестинските територии и Пакистан. Но, се верува дека бројот на мигрантите кои го продолжиле патот кон некоја западноевропска земја е многу поголем.

Минатата година забележан е и рекорден број на имигранти кои побарале азил во Албанија дури 4.095 главно Сиријци, наспроти претходната година кога тој број изнесувал 307.