За студентите субвенциониран оброк од 120 денари

129

Студентите да добиваат субвенциониран оброк во износ од 120 денари. Ова е предвидено со новиот предлог-закон за субвенциониран студентски оброк кој денеска ќе биде поднесен во Собранието преку пратениците Јулиана Николова од ЛДП и Александар Кирацовски од СДСМ.

– Законот предвидува студентите за значително пониска цена да се хранат во рестораните кои ќе потпишат договор со Министерството за образование и наука за субвенционирање на студентскиот оброк – вели потпретседателката на ЛДП, Моника Зајкова.

Субвенциите се предлага да важат секој работен ден од 8 часот до 20 часот, но не и за викендите или за време на летниот и зимскиот распуст.

– Со донесувањето на законот ќе се овозможи секој студент кој е државјанин на Републиката, без разлика дали е на државен или приватен универзитет, да има право да користи дневна субвенција за здрав оброк во износ од 120 денари.  Студентите се иднината на нашата земја и истите заслужуваат да ги користат истите придобивки кои ги имаат нивните врсници во Европа. Ваков закон веќе одлично функционира во Словенија. Мораме да покажеме дека како држава се грижиме  за стандардот на студентите – потенцира Зајкова.