За Северна Македонија безусловна, за Албанија условена препорака

100

Германскиот Бундестаг утревечер ќе гласа за предлогот да се одобри почеток на преговори со ЕУ за Северна Македонија и Албанија. За Скопје нема никакви забелешки, но Тирана ќе се соочи со дополнителни услови.

  Дека Северна Македонија ќе добие потврда од Бундестагот е сигурно уште од надминувањето на спорот за името, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг, прогнозирајќи притоа дека на гласањето в четврток, Скопје ќе добие „целосно зелено“, а Тирана „темно зелено“ светло, пренесува Дојче Веле.

Со други зборови, повикувајќи се на работниот документ кој го изготвиле владејачките германски партии ЦДУ и СПД, ФАЦнаведува дека за С. Македонија ќе биде одобрен почеток на преговорите без дополнителни услови, додека Албанија ќе мора да исполни серија барања.

„Делот за Северна Македонија (од заедничкиот став на СПД и ЦДУ, н.з.) е значително покус и појасен. Фракциите ги поздравуваат „значителните достигнувања“ на земјата, која и натаму се менува во една инклузивна и отворена политичка атмосфера. Пофалби има и за подобрувањето во културата на компромис во Скопје. Далеку пообемен и покритичен е нацрт-извештајот за Албанија“, пишува ФАЦ.

Во однос на Албанија, Бундестагот ќе прифати отворање на преговорите со Албанија само со предуслови.

„Преговорите со Тирана ќе може да започнат само откако земјата ќе исполни цела дузина конкретни и општи предуслови. Најпрво ќе мора да се обезбеди непречено функционирање на Уставниот и Врховниот суд. (…) Притоа ќе мора да се завршат кривичните постапки против сите судии и обвинители кои беа предмет на ветинг. Дополнително, ќе треба да биде извршена реформа на изборното право и да биде донесен закон за транспарентност на партиското финансирање“, пишува ФАЦ.