“’Папокот на светлината’ е слоевито, комплексно дело, кое пред читателот открива неколку светови и мноштво силни пораки“, стои, меѓу другото, во образложението на жири- комисијата, која го избра романот на Андоновски како најдобро прозно остварување за 2022 во конкуренција на 18 дела пристигнати на конкурсот на Друштвото на писателите на Македонија. Авторот, пак, посочи: „Во него ме има многу мене, го има Јан Лудвиг од пред 20 години, но сега веќе созреан во една сосема друга атмосфера и во него се наоѓа севкупното мое животно искуство преточено низ устите на ликовите“

 

Романот „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски е добитник на традиционалната награда „Стале Попов“ за 2022 година, која ја доделува Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) за најдобро прозно остварување. Оваа значајна награда востановена во 1975 година, го носи името на еден од најбележитите македонски прозаисти, романсиери и раскажувачи – Стале Попов.

Романот на Андоновски е избран за најдобар во конкуренција на осумнаесет дела што пристигнале на конкурсот на ДПМ, меѓу кои десет романи и осум збирки раскази. Жири-комисијата во состав Милован Стефановски и Весна Дамчевска-Илиевска (членови) и Александра Јуруковска (претседател), пак, посочи дека „Папокот на светлината“ е слоевито, комплексно дело, кое пред читателот открива неколку светови и мноштво силни пораки.

„Андоновски многу свесно, прецизно и луцидно си поигрува со времето и просторот, со временскиот дисконтинуитет, но и со една од вечните човекови опсесии – бесмртноста. Трите главни приказни се одвиваат во три периоди, со (не)случајни синхроницитети меѓу нив и низ неколку клучни теми: верност, вечност, туѓиот грев и сопствената безгрешност. Играта со постоењето во повеќе времиња истовремено (или во повеќе паралелни вселени) е поткрепена со динамичната нарација, во која нема коинциденција, а истовремено има мноштво метатекстуални забелешки сведени под дилемата – дали нарацијата ни е дадена за да сфатиме дека во исто време сè е и сегашност и минато и иднина?“, истакнуваат од жири-комисијата, која посочи и дека романот отвора силни прашања за семиотиката како демонологија, за губењето на невиноста на јазикот и писмото низ пишувањето и говорењето.

„Толкувањето на знаците води и кон силна духовна христијанска расправа за избавување од гревовите преку слушање, послушание, тихување, до повторното раѓање токму во јазикот. ‘Папокот на светлината’ е роман за потрагата по Бога, на препознавањето на Бога во човекот и обратно. Ова е роман и за значењето на маргините, за читањето меѓу редови, за сите предизвици и искушенија на современиот човек и неговата секојдневна борба со постмодерниот ѓавол кој доаѓа од сите страни, па и во множина…“, стои, меѓу другото, во образложението во кое, исто така, се наведува: „’Папокот на светлината’ е возбудливо одгатнување на неколкукратно кодирани кодови, отворен дијалог со дела важни за книжевниците, филозофите и теоретичарите, но и со теми важни за читателот без кој не би постоеле ниту текстот, ниту маргините, ниту Книгата“.

Авторот, поради оправдани причини, не присуствуваше на објавувањето на наградата, но испрати снимена порака во која ја изрази радоста од добиената вест. На Венко Андоновски ова му е трета награда „Стале Попов“.

„Прв пат оваа награда ја освоив со ‘Папокот на светот’ пред цели 20 години, потоа ја освоив уште еднаш по десет години со ‘Ќерката на математичарот’, а сега по третпат со ‘Папокот на светлината’. Оваа награда ми доаѓа како некој циклус на десет години, а така доаѓаат и моите романи. Наградата ‘Стале Попов’ како да ме сака мене, а и јас ја сакам неа. Кон Стале Попов негувам исклучителна творечка почит и го сметам за еден од канонските автори на нашиот, македонскиот роман. Македонскиот роман е незамислив без неговиот ‘Крпен живот’, како и без неговиот опозит ‘Село зад седумте јасени’ од Славко Јаневски. Тие два романа стојат на почетокот од овој наш жанр, кој се јави во 20 век, но достигна кулминација во 20 и, еве, сега во 21 век“, кажа Андоновски во своето обраќање. За своето дело, пак, истакна дека го пишувал буквално како да дише.

„Во него ме има многу мене, го има Јан Лудвиг од пред 20 години, но сега веќе созреан во една сосема друга атмосфера и во него се наоѓа севкупното мое животно искуство преточено низ устите на ликовите. Тука е акумулирана и добра литература од морален тип, од знаењето на светите отци“, додаде авторот, кој посочи и дека повеќе нема да конкурира за оваа награда.

„Сакам да истакнам дека повеќе би било невкусно да се јавувам за оваа награда оти, како што велеше Петре М. Андреевски, еден од моите учители ‘од книжевноста’, како и од кафеана, човек треба да знае кога да си замине пред да почне да се повторува“, додаде Андоновски.

Традиционалното врачување на наградите за најдобрите остварувања за 2022 година ќе се одржи на 13 февруари. (Д.Т.)