Во најновата едиција на реномираната историја на европските книжевности “Les Lettres Europeénnes“ која излезе од печат во Париз, во последното поглавје „Тенденции и современи фигури, 1989-2021“, меѓу значајните имиња на современата европска литература, се анализира и прозата на современиот македонски писател Александар Прокопиев.

Во ова капитално дело од речиси 1200 страници, во 16 поглавија, најнапред се толкува и аргументира концептот на европската литература, а потоа се анализираат авторите, книгите и поетиките од Средниот век до денес.

Прокопиев е застапен помеѓу авторите: Херта Милер, Елфриде Јелинек, Слободан Шнајдер, Мануел Ривас… и нобеловката Олга Токарчук, која го напиша предговорот на ова издание.

По кусата биографија, следи анализа на поетиката на Прокопиев во „Човечулецот“ и „Ѕиркачот“, со цитирани мислења за неговата раскажувачка постапка од Владислав Бајац и Георги Господинов. Поетиката на Прокопиев се сместува во таа на инвентивни раскажувачи како Бартелми, Калвино. „… тој ужива во подметнувањето на сентименталните парчиња од бајките, задржувајќи бројни елементи на фантастичните или магичните повести. Прокопиев ја втелотворува постмодерната струја во Македонија, додека ги тера читателите да го прифатат фактот дека самиот живот се темели на збрка“, се заклучува во освртот.

Инаку, автори на најновата едиција “Les Lettres Européennes“ се четворица универзитетски професори: Аник Беноа-Дисосо, Ги Фонтен, Јан Једрзејевски и Тимур Мухидин, а тие соработуваа заедно со двесте книжевници од Европа.