СДСМ и Алијанса за Албанците ги синхронизираа политичките определби за приклучување на АА во владејачкото мнозинство. Главниот услов дека АА бара гаранции од власта дека има обезбедено 80 гласови за уставните измени пред да се приклучи на мнозинството е заменет со одлучната борба против корупцијата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, најавената нова владина коалиција со приклучувањето на АА ја поистоветува со естрада и оценува дека таа нема капацитет за реформи.

Преостанатите 10-11 месеци до редовните избори, според претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, нема да подобрат ништо, а изборите се нужност за „народот да избере политичари што ќе овозможат напредок на државата“.

– Зарем некој во Македонија верува дека во овие 10-11 месеци може да се направи нешто, да се подобри квалитетот на живот, стандардот на граѓаните, да се случат структурни реформи. Дури ни тие сами не веруваат во тоа и затоа оваа нова коалиција ја поистоветувам со естрада, во којашто овие политичари кои влегуваат во оваа владина естрадна коалиција имаат само една цел, а тоа е да задоволат неколкумина околу себе и да наместат уште неколку тендери за да можат да го ограбуваат народот. Таму нема капацитет за реформи затоа што јас такво нешто не видов во овие 5,5 години додека СДСМ е на власт, рече Мицкоски.

Но, СДСМ смета дека влезот на АА ќе даде додадена вредност за граѓаните. Извршниот одбор на партијата завчеравечер едногласно одлучил да продолжат разговорите со Алијанса за Албанците (АА) за влез на оваа партија во владината коалиција. Натамошните разговори со партијата ќе ги води работна група во која, покрај лидерот и премиер Димитар Ковачевски, ќе учествуваат и генералниот секретар, Миле Зечевиќ, министерот Љупчо Николовски и координаторот на пратеничката група на социјалдемократите, Јован Митрески.

-Заедничка оценка е дека Алијанса го поддржува концептот за европска Македонија, а со тоа и директно да придонесат кон остварувањето на стратешките национални и државни интереси за спроведување на реформите и сите потребни чекори за членството во ЕУ преку директно учество –  изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ, по завршувањето на седницата на ИО.

Извршниот одбор на СДСМ смета дека соработката со АА ќе даде додадена вредност за граѓаните од повеќе причини. Меѓу нив, според изјавата на Кузеска е тоа што ваквата соработка ќе помогне во борбата против корупцијата, во забрзување на економскиот развој и напредок на државата, во зголемување на ефикасноста во Собранието со цел побрзо носење одлуки за подобрување на животниот стандард со граѓаните, во справувањето со енергетската и економската криза, како и во носењето на реформските закони од ЕУ агендата, поголема поддршка на стратешкото партнерство со САД и унапредување на добрососедските односи. Од  СДСМ сметаат со тоа ќе се зголеми мнозинството, а и ќе се направи јасна диференцијација од ВМРО-ДПМНЕ и Левица или, како што велат, двете партии кои се против ЕУ.

Во тимот за разговори на АА за влез во Владата, покрај лидерот на партијата Арбен Таравари, се и неговите најблиски соработници – двајцата секретари и тројцата потпретседатели на партијата. Шансите за влез на Алијанса во Владата, рече Таравари, се огромни. Договорот не е дефинитивен, но веројатноста тоа да се случи, според него, е реална. Иако во јавноста се шпекулира дека АА бара три ресори, од Владата тврдат дека досега не се разговарало за кадровски прашања, додека лидерот на АА, Арбен Таравари, посочи дека во наредните денови ќе биде разговарано за кадровски решенија.

Во врска со кадровската понуда за влез на АА во Владата, вечерва е најавена средба на најтесното раководство на владејачката Алтернатива на која ќе се разговара за идејата лидерот Гаши да понуди компромис за ресорот здравство поради незадоволството на Ковачевски од министерот за здравство Беким Сали. Компромисот би бил Алтернатива да го задржи министерството, но да го смени Сали, а на негово место да го понуди потпретседателот на Собранието и лекар ревматолог Хусни Исмаили. Инаку, Алтернатива повеќепати досега нагласуваше дека нема потреба од проширување на владиното мнозинство со Алијанса за Албанците, бидејќи тоа е стабилно, потенцирајќи дека нема да се откаже од добиените министерства и дека договорот за коалицирање треба да се почитува.

(И.С.)