За Петков, Радев е кукавица, Борисов манипулант!

168

Францускиот предлог за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија – како цунами  на политичката сцена во Бугарија, а првата жртва која падна е премиерот Кирил Петков, кому завчеравечер му беше изгласана недоверба. Во хаосот на политичката сцена внатре, се надополни и прашањето за изјаснувањето на бугарскиот Парламент за францускиот предлог. Откако ѝ изгласаа недоверба на Владата на Петков,  два дена безуспешно се обидуваа да обезбедат кворум за избор на претседател на Народното собрание, со што се потенцираше политичката криза во која западна Бугарија. Предлогот целосно го поддржаа ГЕРБ и Бојко Борисов, но против се изјаснија бугарските социјалисти.

Премиерот во оставка, Петков, нагласи дека ќе остане доследен на дадениот збор и на она што „му го ветил на бугарскиот народ“ дека Народното собрание мора да се произнесе по предлогот на француското претседателство со ЕУ за деблокирање на европскиот пат на Македонија.

– Се надевам дека во наредните денови Народното собрание ќе донесе одлука за ова прашање. Имаме историски момент да можеме да ги заштитиме сите наши бугарски интереси, работи за кои сме сонувале и со овој предлог да го заштитиме бугарскиот интерес на долг рок – рече Петков пред почетокот на Самитот ЕУ – Западен Балкан.

Петков истакна дека лично му се допаѓа францускиот предлог и смета дека неговото усвојување би било историска можност за Бугарија, но тоа мора да се направи на вистински начин и во наредните денови.

Тој им порача да пратениците во бугарското Собрание да не се обидуваат да „му го префрлаат жешкиот компир“ за тој сам да решава за францускиот предлог.

– Ако сте државници, отидете во Комисијата и нека се донесе вистинската одлука – им порача Петков на пратениците членови на Комисијата за надворешна политика на бугарското Собрание, од која бара да ја донесе конечната одлука околу прифаќање или одбивање на францускиот предлог.

Според Петков, во целиот изминат период, „прашањето за Република Северна Македонија беше маглата спуштена во јавниот простор, само со една цел – за да се потресува Владата и да се крадат милијарди“.

Тој се обрати и до бугарскиот претседател Румен Радев, нагласувајќи дека е неприфатливо што веќе две недели не го свикува Консултативниот совет за национална безбедност (КСНС) и само „се крие на различни места“.

– Маските паднаа. Се изморив од кукавици – додаде Петков.

Потоа му се нафрли на Борисов, кој јавно тврди дека ќе го поддржи францускиот предлог, а потоа ја блокира работата на Комисијата за надворешна политика, која треба да даде „амин“ за него.

– Ако си нормален бивш државник, оди во Комисијата и нека се донесе вистинската одлука – му порача тој на Борисов, нарекувајќи го манипулант што води двојна политика (зборува едно, а прави друго) и е најнечесната личност што ја сретнал во животот.

– Оваа борбеност е типична за господинот Борисов. Ова го гледаме веќе 12 години – подвлече Петков.

Во Софија, засега никој не сака да ја преземе одговорноста и да донесе одлука за пакетот документи на француската дипломатија, кои треба да резултираат со кревање на ветото.

Завчера, кога ѝ се гласаше недоверба на Владата на Петков, седницата на Комисијата за надворешни работи на Парламентот ја прекина работата по 15 минути, со став дека секое решение ќе биде противуставно без став од Владата. Спротивно, Петков се држи до тоа за предлогот прво да се изјасни Собранието, а таму вчера попладне продолжи седницата на Комисијата.

Според најавите, членовите ќе донесат одлука – решението за францускиот предлог да биде испратено на пленарна седница која би била одржана денеска.

Причина за блокадата на работата на бугарското Собрание е тоа што ГЕРБ, ДПС, Има таков народ и Преродба не влегуваат во салата, па Парламентот нема кворум за работа. Собранието пред два дена требаше да избере нов претседател, но не се случи тоа и по неколку обид да се обезбеди кворум. Беа пријавени 112 пратеници, а потребни за кворум се 121 пратеник. Во средата немаше ниту редовна седница на Парламентот, а беше саботиран и состанокот на парламентарната Комисија за надворешни работи, на кој треба да се разгледува бугарскиот став за таканаречениот француски предлог за решавање на кризата меѓу Софија и Скопје. Но, подоцна во текот на денот, пратениците се собраа на вонредна седница за да ѝ изгласаат недоверба на Владата на Кирил Петков.

Вчера, пак, Демократска Бугарија (ДБ), ДПС, БСП, ГЕРБ и Промените продолжуваат (ПП) бараа и инсистираа темата „Република Северна Македонија“ веднаш да помине на парламентарната Комисија за надворешни работи на бугарското Народно собрание.