За Пендаровски ЕУ нема алтернатива, за Вучиќ многу работи за евроинтеграцијата се нејасни

120

Односите меѓу Северна Макеоднија и Србија се одлични и без спорни точки, со повеќе доверба од порано и ќе се развиваат во подобар правец, констатираа претседателите Стево Пендаровски и Александар Вучиќ по нивната средба во Белград. Српскиот претседател на прес-конференцијата кажа дека освен Косовското прашање, двете држави немаат ниту едно друго оворено прашање.

Како што кажа претседателот Пендаровски, со претседателот Вучиќ разговарале и за француската иницијатива за нова променета методологија во водењето на претпристапните преговори со ЕУ. Тој уште  еднаш го истакнал ставот дека за нас не постои друга одржлива алтернатива и гаранција за стабилност, сигурност и просперитет, освен полноправно членство во Унијата.

-Во овој контекст ме радува фактот што и од Скопје и од Белград упатуваме јасни пораки дека Европската унија не треба да заборави на западниот Балкан, за кој перспективата за членство во ЕУ е единствена гаранција за стабилност, сигурност и просперитет и всушност е единствена одржлива опција. Европската интеграција на регионот е најдобриот начин што ќе овозможи демократска трансформација на нашите општества, просперитет и зајакната регионална соработка, изјави Пендаровски.

За разлика од него, Вучиќ повтори дека и за Србија целта е членството во ЕУ, и веќе има отворано 17 поглавја, но со францускиот „нон-пејпер“ документ многу работи се нејасни.

– ЕУ сега во овој момент бара начин, поради Преспанскиот договор да ја задоволи Северна Македонија, за Албанија е малку потешко, да отвори преговори….кога ќе ги прашате, а што потоа, што кога ќе се отварат преговорите, во март или во мај во Загреб, никој нема одговор во ЕУ што ќе биде потоа со преговорите со Србија и Црна Гора, па и со Северна Македонија откако ќе ги отвори преговорите. Таков план немаме видено досега. Затоа до нас во регионот е да отвараме повеќе автопатишта, пруги, се повеќе да се спојуваме и да соработуваме, да бидеме се поуспешни, изјави Вучиќ, во контекст на  иницијативата за „Мал Шенген“.

И Пендаровски ја оцени иницијативатат за „Мал Шенген“ како одлична, истакнувајќи дека тоа не е алтернатива на ЕУ, за што добил потврда и од францускиот претседател Макрон.

-Тој треба да се менува, да се шири и да ги опфати сите шест држави од Западен Балкан, без да го прејудицирам идниот статус на Косово, треба да се најде решение за сите држави да влезат во оваа иницијатива, бидејќи така може да имаме сите бенефиции и поголем пазар, и сите без надворешна пресија да се однесуваме како Европјани, рече Пендаровски.

На оваа констатација на Пендаровски се надоврза и Вучиќ кој кажа дека „Мал Шенген“, односно слободното движење на капиталот, на стоки, услуги и луѓе се суштина на напредокот и тоа е прогресивна иницијатива и најдобро нешто во регионот во изминатите 30 години.

-Ние немаме покровители тука и сами се договараме. Со Заев и со Рама многу лесно се договараме. Отворени сме и за другите, па и за Приштина, сакакаме и тие да влезат, бидејќи сите ќе имаме огромна корист, или според Светска банка сите би имале околу три милијарди заштеда, а тоа не се мали пари, кажа Вучиќ, кој додаде дека „има будали кои него и Еди Рама ги обвинуваат дека ја прават четврта Југославија или Голема Србија и Голема Албанија, што не одговара на вистината“.

Пендаровски информираше дека со Вучиќ се осврнале и на неколку аспекти од дијалогот Белград-Приштина.

-Искористив прилика да ги повторам и моите ставови изразувајќи очекување дека со помош на меѓународната заедница и посебно нашите западни партнери ќе бидат создадени услови за сериозен напредок, па и за конечно затворање на ова прашање. Решението што ќе го договорат Белград и Приштина мора да придонесува кон регионалната стабилност и безбедност и по наше мислење не смее да задира во суверенитетот на другите држави во регионо, рече Пендаровски.

На средбата е разговарано и за економската соработка, за што е констатирано дека постојат добри шанси во меѓусебната трговија годинава конечно да достигне една милијарда евра, за што може да придонесе и соработката на полето на „Мал Шенген“.

Како што истакнаа двајцата претседатели, на средбата е разговарано и за положбата на македонското национално малцинство во Србија и српската заедница во Северна Македонија, како и за нивниот значителен придонес во севкупните односи меѓу двете држави, како и за скорешно отварање на српски и македонски културни центри во Белград и во Нови Сад, за што, како што кажа Вучиќ, веќе се одредени локации во двата града, обезбедени се средства и се е подготвено за нивно брзо отварање.

Претседателот Пендаровски денеска имаше средби и со премиерката Ана Брнабиќ и со претседателската на Парламентот Маја Гојовиќ, а вечер ќе има средба со српски и македонски бизнисмени во организација на Стопанските комори на двете држави.