Опаѓа бројот на новозаразени од коронавирусот. Вчера беа регистрирани 392 инфицирани од 4.633 тестирања или околу 8,4 отсто. Претходно тој процент беше над 10. Се намалува и бројот на активни случаи. Ако на почеток на септември во државата имаше над 15.000 активни случаи, сега има 12.240. За претходното деноноќие беа регистрирани и 17 починати, а како што соопшти Министерството за здравство дополнително во „Мој термин“ пријавени се уште три починати лица во периодот од 12 до 22 септември. Регистрирани сe и 339 оздравени пациенти.
Со последните бројки, барем една доза вакцина имаат примено 55 отсто од населението над 40 години и 31 отсто од населението од 18 до 39 години.
Министерството потсетува дека за вакцинирање на пунктовите не е потребно закажан термин, а децата од 12 до 18 години се вакцинираат со согласност од родител.
– Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста, се намалува шансата од заболување, како и смртен исход, информира Министерството за здравство.
Под мотото „Доверете ни го вашето здравје“, вчера се одбележа Светскиот ден на фармацевтите.
Фармацевтска комора на Македонија соопшти дека годинашното мото е избрано токму поради фактот што во оваа ера на пандемија, токму довербата што пациентите ја имаат кон здравствените работници, меѓу кои и фармацевтите како едни од најдостапните, е таа што ни помага полесно да се соочиме со коронавирусот.
Во светот досега се заразија со коронавирусот 232 милиони луѓе, починаа над 4,7 милиони, а оздравеа околу 208 милиони лица.
Од Норвешка вчера пристигна веста дека државата по 561 ден ги укинува мерките воведени поради пандемијата на Ковид-19, кои ги ограничија физичките контакти, а голем дел од економијата целосно се отвора.
– Ова е 561 ден откако ги воведовме најстрогите мерки во Норвешка во мирно време. Сега е време да се вратиме на нашата вообичаена рутина, изјави вчера премиерката Ерна Сулберг на прес-конференција.
Според Националниот институт за јавно здравје, околу 76 проценти од Норвежаните досега биле вакцинирани со најмалку една доза, а 67 проценти од населението се имунизирани со две дози.
Медицинскиот факултет во Белград прв воведе ковид-пропусници во соседна Србија.
Студентите, наставниците, соработниците и техничкиот кадар на Медицинскиот факултет, додека трае актуелната епидемиолошка состојба, ќе можат да влезат на факултетот само со потврда дека не се позитивни на коронавирусот.