За незаборавна пловидба низ историјата: Титовиот „Галеб“ наскоро станува брод-музеј, завршните работи се во тек

97

Титовиот брод „Галеб“ наскоро ќе стане музеј и ќе ја раскажува приказната за својата бурна историја и фасцинантните успеси на тогашната југословенска бродоградба, пишува денеска загрепски „Јутарњи лист“.

„Ова е сега речиси 99 проценти завршено“, пишува весникот, додавајќи дека палубата е клучен дел од идниот музеј.

Тука се, велат, во симетрија, апартманите на Јосип и Јованка Броз, меѓу нив се наоѓа сала за состаноци, како и поголема сала, до која има кујна, и собите за гости.

До салата, каде што посадата појадувала, ручала и вечерала, има дел што некогаш служел како кино сала, како за Тито, така и за младите морнари, на кои „Галеб“ им бил школски брод како дел од воената обука.

Работите на реставрацијата на ентериерот се во завршна фаза и се следи секој детаљ, бидејќи „Галеб“ е заштитено културно богатство на Република Хрватска, со одлука на министерот за култура Божо Бишкупиќ од 2006 година.

„Галеб“ ја започна својата кариера како амбасадор на мирот од Которскиот залив во 1953 година, за конечно формално да му припадне на градот Риека, кој сега со пари од европските фондови го реновира и го претвора во неподвижен брод-музеј.

Со него пловеше поранешниот доживотен претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито, посетувајќи три континенти, впловувајќи во 29 светски пристаништа.