На третиот конкурс за наградата „Пегаз“, за најдобар необјавен роман во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, во конкуренција годинава се 44 ракописи.

Во периодот што следува, пристигнатите ракописи ќе ги оценува тричлена жири-комисија, во состав: д-р Владимир Мартиновски, универзитетски професор на катедрата по општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, Фросина Пармаковска, писателка и добитничка на наградата „Роман на годината“ за 2017 година, и Бисера Бендевска, уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“.

Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Добитникот на наградата ќе биде соопштен најдоцна до 29 октомври 2021 година. Доколку и некој друг од ракописите биде оценет позитивно, издавачот „Арс Ламина“ може да понуди објавување и на второ- и трето-рангираните романи.