Макеоднскиот ракометен шампион Вардар, што побрзо треба да најде излез од резултатската криза во Лигата на шампионите. „Црвено – црните“ шанса за вакво нешто ќе имаат вечерва (20.45) во СЦ „Јане Сандански“, во 8. коло против унгарскиот шампион ПИК Сегед, од кого загубија минатата недела на гостински терен.

Сепак, тоа нема да биде лесно, бидејќи тренерот Веселин Вујовиќ има проблеми со повредени играчи пред реваншот со унгарскиот шампион. Проблеми имаат Дибиров, Мишевски, Моралес, Стоилов и Кудуз, а не е познато кој од нив ќе може да игра на денешниот натпревар

-Повредите се во голем број. Дибиров има некоја вироза, не тренира и е на инфузија. Во еден дуел настрада Мишевски и уште не е заздравен. Тото има проблем со коленото и не се знае дали ќе игра. Проблеми имаа и Стоилов и Кудуз. Некој од нив со сигурност ќе биде во составот, ама не е исто дали некој е 100% спремен за натпревар. Сепак овој натпревар со ПИК Сегед мора да го добиеме, бидејќи за мои критериуми недозволиво е да имаме пет порази во низа. Ќе се обидеме со цврста одбрана и помалку примени голови да стигнеме до позитивен резултат, истакна популарниот Вујо.

Вардарци досега претрпеа четири порази во низа, во елитното натпреварување од Монпелје, Алборг, Кил и минатата недела од ПИК Сегед. „Црвено – црните“ се на шестото место со 8 бода, колку што имаат и петопласираниот и четвртопласираниот Елверум, односно Алборг. Лидер во групата е тимот на Монпелје со 11 бода, на второто место со истот толку бодови е Кил, а трет е ПИК Сегед со 10 бода.