Светскиот тениски рекет број еден, Србинот Новак Ѓоковиќ, немаше среќа во ждрепката за Ролан Гарос, а убедливо најголемо внимание предизвика четврт-финалето, каде што тој, доколку нема големи изненадувања, ќе игра против Шпанецот Рафаел Надал.

Доколку се сретнат двајцата, ќе го гледаме тенискиот класик во порана фаза од турнирот отколку што сме навикнати. Ѓоковиќ е актуелен шампион на Ролан Гарос, додека Надал е апсолутен крал на земјата и на вториот грен-слем во сезоната, каде што има освоено дури 13 титули.

За средбата на двајцата големи ривали наголемо се зборува, а за нивниот потенцијален дуел беше прашан и тренерот на Новак, Горан Иванишевиќ, кој даде прилично изненадувачки одговори.

– За мене има само еден фаворит на Ролан Гарос, а тоа е Надал. И покрај сè што се случуваше во Рим со неговата нога, секогаш мислам дека, повреден или не, тој е фаворит тука. Ова е негов дом, негова нива. Ги знае сите добри и лоши отскокнувања, секој агол и пукнатина на теренот. Дали ќе игра добро или лошо, тоа не менува ништо – изјави Иванишевиќ, кој верува дека четврт-финалето меѓу Ѓоковиќ и Надал ќе биде најдоброто во историјата на Ролан Гарос.

Тој откри и како реагирал кога сфатил дека неговиот играч веќе може да игра против Шпанецот во четврт-финалето.

– Кога ја видов ждрепката, искрено, си реков: „Добро, Надал ќе стигне до финалето. Тоа значи дека Новак ќе испадне…“ Рафа е неверојатен, имам голема почит кон него. Во финалето на Австралија опен, Медведев не можеше да го затвори мечот, а не смее да ви се случи тоа против Надал! Во секој случај, пред седум-осум години кажав дека Рафа и Новак ќе имаат повеќе од 20 грен-слем титули, и Надал е веќе таму – заклучи Иванишевиќ.