За кого чекореше СДСМ?  – Маршот мина, дилемта стоо!

97

Маршот „Чекориме за правда”, кој во организација на СДСМ се одржа во понеделникот вечерта,  остана несфатен за голем број граѓани бидејќи беше организиран токму од партијата на власт, која на последниот ден од работата на Собранието успеа да обезбеди двотретинско мнозинство и да го донесе Законот за ЈО и без поддршка на опозицијата. Па дури гласните поддржувачи на Заев, на социјалните мрежи го критикуваа ваквиот потег на власта.

– Зошто вчерашниот марш беше глуп? Затоа што го иницираа и предводеа луѓето кои имаа шанса од позиција на власт да направат суштински промени во правосудниот систем, а не направија. Граѓанските организации маршираат за да може да се слушне гласот на граѓаните кога не се задоволни од политиките на оние кои што се на власт. СДСМ фактички е политичка партија која во моментов ја држи власта во државата. Значи, со овој марш СДСМ ни вели дека не знае што да прави со таа власт и не знае како да се справи со проблемот на владеење на неправото и повикува да дојде некој да го реши овој проблем. Јас и понатаму тврдам дека СДСМ е подобра партија од ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа СДСМ не покажа дека има капацитет (морален и интелектуален) да го деконструира груевизмот. И јас немам верба дека тоа може да го направи. Вчерашниот марш само ми го потврди стравувањето. СДСМ пополека но сигурно станува ВМРО-ДПМНЕ, напиша професорката Мирјана Најчевска на својот фејсбук-профил.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пак, кој беше дел од маршот што тргна со задоцнување од пред Собранието, а заврши пред комплексот судови, изјави дека со донесување на Законот за јавното обвинителство Собранието отвори ново поглавје во реформите на правосудствово. Партискиот лидер порача дека „правдата доаѓа бавно, ама доаѓа, жедни сме за правда“.

-Сега правосудство е на потег, затоа сме овде. Собранието отвори ново поглавје од правосудството, пратениците застана зад законот кој е темел за правна држава. Со законот нема скриена амнестија за никого, ниту за стари, ниту за нови случаи, сите ќе се соочат со одговорност, нашиот народ е желен за правда, за брза и ефикасна правда“, рече Заев.

Тој вели дека граѓаните со право се незадоволни, а незадоволен е и лично тој и СДСМ од испорачаното од правосудството. Како што вели, што било до Владата и до Собранието е сторено, а сега на потег се судиите и обвинителите.

-Можеше да има и побрза правда, но требаше Заев да се јавува, но за тоа ли се боревме? Ние го ослободивме судството, ама будно го следиме, жедни сме и сакаме правда, правдата доаѓа бавно, ама доаѓа, порача тој. Рече дека единствени против донесување на Законот за ЈО, биле из извршителот Мицкоски, неговиот шеф Груевски и целото раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

За ВМРО-ДПМНЕ пак маршот на Заев е последен обид на Заев да изврши дополнителен притисок врз судството.

-Заев не може да ги оправда криминалот, корупцијата и рекетот. Граѓаните не сакаат држава во која функционерите ќе уживаат во неказнивоста. Маршот на Заев е марш за нови амнестии. За амнестија за Зоран и Вице Заев, Венко Филипче, Драги Рашковски, Боро Марлборо, Курто Дудуш и редица други криминални функционери на власта. Неказнивост нема да има. Одговорност ќе има за сите. По 12-ти април следува правна разрешница за сите криминали и неправилности“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

За време на маршот беше организирана и герила акција, кога група граѓани се појавија со неколку транспарентни – „Правдата ја нема, бројчаникот стоо…“., „Марш за амнестија за криминалот“, „Зошто Мијалков е на слобода“….

(Елизабета Арсоска)