За исплата на К-15 од најмалку 11.300 денари останаа уште два месеца

Газдите на вработените можат да им дадат и двојно повисок К-15, за кој не би и платиле данок на државата, зашто годинава со една од мерките на владините антикризни пакети зголемен е прагот на даночно ослободување кај регресот за годишен одмор. Годинава за првпат по 25 години К-15 примаат и околу 27 илјади вработени во јавниот сектор, додека за останатите ССМ на Владата и даде на потпис колективен договор со ова право и очекува да се донесе по изборите

809

Вредноста на минималниот К-15 овој месец се искачи на нешто над 11.300 денари, а за исплата останаа уште два месеца.

Работодавците во приватниот сектор се обврзани овој износ да им го исплатат на сите кои кај нив работеле најмалку шест месеци во оваа календарска година и тоа најдоцна до 31 декември. Газдите кои сакаат, а се разбира и имаат, на вработените можат да им дадат и двојно повисок К-15, за кој не би и платиле данок на државата, зашто годинава со една од мерките на владините антикризни пакети зголемен е прагот на даночно ослободување кај регресот за годишен одмор.

Ако исплатата не се изврши во законскиот рок, работодавецот би ризикувал да плати глоба што се брои во илјади евра, а за случаите кога регресот ќе се даде, па се бара да се врати, предвидена е и затворска казна.

За разлика од приватниот сектор во кој исплатата на К-15 е задолжителна од 2013 година, кога како право на вработените се утврди со Колективен договор, годинава за првпат по 25 години го добиваат и дел од јавните службеници. На вкупно околу 27 илјади вработени во правосудството, општините и уште неколку институции од управата, од минатата година им следува К-15 од најмалку 9.000 денари. Но, ланската исплата поради кризата не се реализираше, а оваа година сопре поради изборите, со ветување од Владата дека потоа ќе продолжи. Сепак, синдикатот на УПОЗ кој ги застапува овие вработени упорно ги бара и ланските пари заканувајќи се со тужби, со што, како што предупредува, Владата би платила три пати повеќе отколку што треба.

Подгреани се надежите за К-15 и на останатите административци, односно вработените во војската, полицијата, образованието, здравството… Како што информираат од Сојузот на синдикатите на Македонија се очекува Владата веднаш по изборите да го потпише Колективен договор кој и го понудиле, во кој е предвиден К-15 и за овие вработени. Ако тоа се случи, парите наменети за годишен одмор и овие вработени во јавниот сектор би ги добивале најрано од наредната година.

Инаку, вредноста на регресот за годишен одмор варира според движењето на просечната плата во државата. Тој изнесува 40 проценти од просекот на трите последни плати што ги објавил Државниот завод за статистика. По правило се исплатува од јули, но некои добростоечки компании обично парите ги префрлуваат на сметките на вработените и порано, пред годишните одмори и тоа во доста поголеми суми од минимално предвидената. Има и такви, претежно во текстилната индустрија кои воопшто не го исплатуваат регресот.

За проблеми со ланскиот К-15 на почетокот на годинава само до невладината организација „Гласен текстилец“ пристигнале над 70.000 пријави. Пријави прима и ССМ. Досега 18 проценти од пријавите само преку мобилната апликација „Мои работнички права“ се во врска со нарушено право на годишен одмор и на регрес за годишен одмор. Неисплатен и или помалку исплатен К-15 вработените пријавуваат и директно во Државниот инспекторат за труд.

(С.В.)