За изградба на фотоволтаици приватните лица не мора да имаат сопствено земјиште, туку пари

Фотоволтаични електрани ќе може да изгради секој кој располага со земјиште кое не мора да е во негова сопственост туку може да е земено под наем. Учесниците на тендерот само ќе треба да ја докажат својата финансиска способност за реализација на проектот

499

Вториот јавен повик за изградба на фотонапонски електрани, на приватно земјиште, ќе биде објавен наредната недела и ќе трае до 27 септември. На овој јавен повик, покрај компании можат да учествуваат и физички лица, а инвеститорот кој ќе даде најниска цена, односно најнизок премиум ќе може да гради фотоволтаични електрани.
Како што истакна вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, фотоволтаични електрани ќе може да изгради секој кој располага со земјиште кое не мора да е во негова сопственост туку може да е земено под наем.
Фотоволтаичните електрани за овој повик се поделени во четири категории: од 0 до 200 киловати со два мегавата инсталирана моќност, од 200 до 500 киловат-часови со пет мегавати моќност, од 500 до 1.000 киловати со десет мегавати моќност и од 1.000 до 3.000 киловат часови со исто така 10 мегавати моќност. Ваквата поделба е направена со цел да се оневозможи големите инвеститори да им конкурираат на малите.
– Критериумот за изградба на фотоволтаик ќе биде најмала субвенција од државата, односно најмал премиум над пазарната цена на електрична енергија. Учесниците на тендерот ќе имаат гарантиран откуп на електричната енергија кај снабдувач, но ова не е задолжително туку заштита доколку не успеат да ја продадат на друго место. Тие, исто така, имаат право да ја продадат електричната енергија на слободен пазар, а премиумот ќе го добијат од Министерството за економија и тој ќе биде дополнителна субвенција да ги изградат овие фотоволтаици, изјави Анѓушев.
Тој очекува некои парцели да бидат со многу мали премиуми, дури да бидат добиени и без премиум што ќе значи минимум импакт врз Буџетот.
-Ако премиумот биде висок, 10 евра, иако сметам дека ќе биде многу понизок, и ако се изградат сите планирани 200 мегавати инсталирана снага, максимум ќе се потрошат не повеќе од три милиони евра годишна, потенцира Анѓушев.
На јавниот повик за изградба на фотоволтаици на државно земјиште, објавен на 10 јуни годинава за вкупно, над 150 компании веќе подигнале документација што, според Анѓушев, е охрабрувачки и покажува дека владините политики се исправни. (А.С.)