За еден месец во Чаир собрани близу 23 проценти од кучињата бездомници

68

Значително е намален бројот на кучињата бездомници во Чаир, откако пред точно еден месец беше потпишан Меморандумот за соработка помеѓу Општина Чаир и Здружението за заштита на животни „Хепи Шелтер“ од Скопје. Додека, со потпишувањето на овој Меморандум и отпочнувањето на акциите на терен, Општина Чаир стана прва во земјава која по ваков модел го решава проблемот со кучињата бездомници.

Инаку, досега од повеќе локации во општина Чаир се собрани близу 23 проценти од кучињата бездомници, односно од секаде каде што доаѓаат известувања на граѓаните за присуство на кучиња бездомници.

Ова било истакнато на денешната средба што градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу ја имал со претседателот на Здружението за заштита на животни „Хепи Шелтер“, Кемал Незири.

Градоначалникот на Чаир, истакнал дека заложба на Општината Чаир е за нула кучиња бездомници.

-Оваа заложба стана наша реализација, и според прогнозите до крајот на оваа година во оваа општина нема да има кучиња бездомници – изјави Ганиу, појаснувајќи дека и на средбите што ги имал со жителите од населбите тие ја поздравиле акцијата „Нула кучиња бездомници во Чаир“.

Општина Чаир и здружението „Хепи Шелтер“ ја разгледуваат и можноста за проширување на капацитетот на центарот за собирање кучиња и со тоа зголемување на динамиката на акцијата за собирање.

Инаку, како што беше предвидено со Меморандумот, се врши собирање, евидентирање и вакцинирање на кучињата  бездомници од експертите на здружението „ Хепи Шелтер“. Дополнително, од досегашните искуства, собраните кучиња ги имаат потребните услови да престојуваат во овој центар и подоцна да бидат посвоени од лица, главно во странство.

Ганиу уште еднаш силно апелираше до граѓаните да ги информираат општинските власти за присуството на кучиња бездомници на електронската пошта на општината или преку порака директно на социјалните мрежи.