За две години заловени и третирани над 500 бездомни кучиња во Гостивар

29

За две години во Општина Гостивар биле третирани 560 бездомни кучиња, кои биле опфатени со вакцинирање, стерилизација и поставување на чипови. Само од почетокот на годинава, во Општината биле третирани 120 бездомни кучиња скитници.

Гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари смета дека вака третираните кучиња повеќе не се опасност за граѓаните, бидејќи смета дека тие не се агресивни. Во изминативе две години локалната власт за справување со овој проблем инвестирала околу 40.000 евра.

– Со претходно изработената физибилити студија утврдено е дека на нашата територија има помеѓу 600 и 700 вакви кучиња. Првото засолниште го изградивме во 2018 година каде адаптиравме објект со близу девет илјади евра. Во првата година потрошивме околу 19.500 евра за третман на близу 200 кучиња. Минатата година беше отворен уште еден стационар за кои се вложени околу 11 илјади евра за тој објект и беа третирани уште 320 кучиња – вели Таравари.

Градоначалникот смета дека за решавање на проблемот е потребна соработка со соседните општини и како трајно решение би било формирање на центар во чиј склоп ќе работат и постојните два стационари.

– Во наредниов период очекувам и поинтензивна соработка со полицијата која треба да спречи неодговорни лица да носат кучиња од други општини, бидејќи таа појава е евидентна. Долгорочното решение за проблемот е изградба на регионален центар во Полог за лекување на кучиња скитници и тој предлог е поддржан и од други општини – нагласува гостиварскиот градоначалник.

Според предлогот, тој центар би се наоѓал на простор помеѓу Тетово и Гостивар и во него би биле ангажирани професионалци, а ќе се намали и проблемот со пренесување на кучињата од едно на друго место. Во двата стационари кои функционираат во поранешната касарна близу Долна Бањица се чуваат и кучиња кои може да се вдомат.

Извор: МИА